Инспекторатот на Град Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по дојава од граѓани, во четвртокот и петокот извршија вонреден инспекциски надзор при што во два наврата евидрнтирани се поголеми количини на медицински отпад одложен во контејнери наменети за комунален отпад во сопственост на ЈП Комунална хигиена.
– Постапувајќи согласно своите надлежности кои произлегуваат од Законот за управување со отпад, ДСЗИ и инспекторот за животна средина на Град Скопје, со записник ја констатираа наведената состојба кој во текот на утрешниот ден ќе биде доставен до правниот субјект кој го прекршил законот. Се работи за одлагање на медицински отпад во контејнерите за комунален отпад поставени на булевар „Македонија“, во непосредна близина на ПЗУ „Синлаб“. За наведеното инспекторатите располагаат и со дополнителен доказен материјал – се наведува во соопштението.
Со цел спречување на поголем инцидент од страна на двата инспекторати, веднаш е повикана фирма лиценцирана за управување со медицински отпад од страна на која медицинскиот отпад од комуналните контејнери е адекватно отстранет, а по налог на држваниот санитарен и здрасвствен инспектор, контејнерите дезинфицирани. Во врска со констатираната фактичка состојба од страна на инспекторатите во текот на утрешниот ден ќе продолжат соодветни инспекциски постапки согласно законските надлежности.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Инспекторатот на градот Скопје, апелираат до граѓаните доколку забележат одлагање на медицински отпад во контејнери за комунален, да ги известат овие две институции со цел заштита на здравјето на населението.