Вработените во јавната администрација и службениците во Град Скопје, денеска ја спроведоа акцијата „Администрацијата чисти со граѓанската организација ‘Не биди ѓубре’“.
Неколку илјади државни службеници, заедно со премиерот Заев и сите министри во владата, во координација со граѓанските активисти денеска собираа смет и други отпадоци како резултат на одлуката на Владата на Република Македонија, на тој начин да биде одработен 2 јануари, која оваа година беше прогласен за неработен ден.
Претседателот на Владата членовите на неговиот кабинет, како и вработените во Генералниот секретаријат на владата, акцијата ја спроведоа во општина Бутел, во кругот на основното училиште „Панајот Гиновски“ и во населбата Бутел.
Во изјавата за медиумите премиерот Заев истакна дека целта на оваа акција е вработените во државната администрација од институциите кои се вклучени во Акцијата да помогнат во процесот на зачувувањето на животната околина како должност на секој граѓанин да ги унапредува и штити животната средина и природата во својата локална заедница.
– Секој човек има право на здрава животна средина. Но, истовремено и секој е должен да го дава и сопствениот придонес за доследното почитување и практикување на овие принципи како услов за почиста животна среедина, подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните, за да успееме да ги зачуваме чисти локациите откако ќе заврши акцијата – истакна премиерот Заев, и додаде дека Владата целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации поврзани со заштитата на животната средина и со загадениот воздух.
Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето, рече премиерот Заев, се стратешки приоритети на Владата.
– Имаме јасна политичка волја да се справиме со овој проблем кој, за кој ништо не беше преземано во минатото. Планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации, и во таа насока останува отворена нашата покана заедно да работиме на решавање на овие прашања – порача премиерот Заев.