Заврши рокот за поднесување на апликации за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води за град Скопје
Заврши рокот за поднесување на апликациите за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води за град Скопје.
– Горд сум што испишуваме нова страница во историјата на Скопје. Идејата за самото отпочнување на овој капитален проект, Пречистителна станица за отпадни води – Скопје, за нас претставува мотивација и поттик да продолжиме да работиме со вложување на сите капацитети и ресурси не само за целите на нашето претпријатие, туку и за доброто на сите граѓани, за заштита на животната средина, за подобрување на условите за живот за нас и за идните генерации. Благодарен сум на сите инволвирани страни, како ЕИБ, ЕБОР, Министерството за животна средина и Владата што ја препознаа вистинската вредност на овој проект и ни ја дадоа својата поддршка за реализација на истиот – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
До истекот на рокот за поднесување на апликациите се поднесени 12 апликации.
– Сите апликанти кои до истекот на крајниот рок поднеле само електронска апликација, се обврзани најдоцна до 14.10.2020, 12 часот по локално време да ја достават апликацијата и во печатена форма – посочи Линдита Шакири, Раководител на Проектна единица за имплементација на проектот ПСОВ – Скопје.
Имено, со потпишување на Договорите помеѓу Владата и Европската Инвестициона Банка и Европската Банка за Реконструкција и Развој се затвори финансиската конструкција за проектот за изградба на пречистителна станица на град Скопје. Во согласност со одредените фази за имплементација на капиталниот проект ПСОВ – Скопје, во вредност од 136.000.000 евра, ЈП Вововод и канализација – Скопје работи на реализација на истиот, што е доказ за заложбите за унапредување на условите за живот за сите граѓани како и инвестирањето во високо квалитетна животна средина.