Фото: Маја Јаневска-Илиева

НЕСОВЕСНО ОДНЕСУВАЊЕ НА ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТНИЦИ,
НО И НА ИЗВЕДУВАЧИТЕ

За одреден вид возила што вршат специфичен вид работи (како на пример потешки возила за изградба на објекти и друг вид инфраструктура), Град Скопје издава посебна дозвола за вонреден превоз (во согласност со членот 155 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата). Овие дозволи се издаваат во Секторот за сообраќај врз основа на согласност на Министерството за внатрешни работи, а во рамките на дозволата барателот мора да достави и траса на движење на возилото, информираат од Градот.

Изведувачите на градежните активности што на одредени локации градат разни објекти, речиси како по некое непишано правило оставаат поголеми последици по околината. Оштетување локални дрвја, улици, тротоари, се само мал дел од последиците што околното население ги претрпува од несовесните градежни работници.

Голем број жители на метрополата што живеат во близината на градилишта велат дека мора да се движат низ улици полни со прашина, пропаднати тротоари и да си го ризикуваат животот минувајќи под испокршени дрвја бидејќи од високите камиони што сообраќаат, гранките се надвиснати, исушени и само прашање на време е кога ќе паднат. Дополнително велат дека дворовите и прозорците им се целите во прав, а некои од градежниците воопшто не ставаат никаква заштита како завеса на објектите, па правот и ситните честички летаат насекаде. Има и случаи каде што градежниот шут се истура од колички од повисоките катови на новоизградените објекти.
– Целата уличка ни пропадна. Кога ја направија дупката за да прават плоча и темели, речиси целата улица се излизга кон дупката. Воопшто не се погрижија за неа. Сега откако изградија неколку ката од зградата, уличката остана целата со дупки.

Тротоарот, пак, е сосема друга приказна. И тој е целиот полн со дупки поради бетоњерките што ги фиксираат. Тоа се огромни камиони, кои направија големи дупки во тротоарите, па сега покрај оштетената уличка, си имаме проблем и со кратери по тротоарите – вели Тони З., кој живее во близината на градежно земјиште.
Тој истакнува дека тоа не се единствените проблеми со кои се соочува секојдневно.
– Немаат ставено никаква заштита на досега изградените пет ката. Значи никаква заштита во смисла на завеса со која ќе се спречи ненадејно излетување на шајки, остри предмети, но и прав. Верувајте, пред мои очи без никаков срам истураа колички со градежен шут од петтиот кат. Бидејќи од местото каде што се гради ме дели само локалната уличка, во дворот постојано наоѓам шајки и ситни дрвца, а имам мали деца што си играат во дворот и кои лесно можат да се повредат на овие предмети.

Дополнително ризик се локалните дрвја чии гранки се испокршени и исушени, па секој миг може да паднат и да нѐ повредат нас или некој минувач – вели тој.
Со кал и прав, како што вели, се сите околни улици од камионите што возат.
– Не можете да замислите колку ни се валкани улиците. Кал има во огромни количества, постојано шлапаме во него, иако сме урбана населба со асфалтирани улици – револтирано вели тој.

Градските власти велат дека сите возила што сообраќаат треба да се исправни и да ги исполнуваат сите потребни технички услови, во согласност со законските прописи во државата.
– За одреден вид возила што вршат специфичен вид работи (како на пример потешки возила за изградба на објекти и друг вид инфраструктура), Град Скопје издава посебна дозвола за вонреден превоз (во согласност со членот 155 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата). Овие дозволи се издаваат во Секторот за сообраќај врз основа на согласност на Министерството за внатрешни работи, а во рамките на дозволата барателот мора да достави и траса на движење на возилото. Лица можат да се санкционираат од страна на МВР, а во одредени случаи и од нашите инспектори за патен сообраќај доколку се движат без оваа дозвола, како и доколку не се придржуваат кон одредбите на дозволата – информираат од Градот.

Оттаму додаваат дека возилата мора да се чисти и да не ја загадуваат околината.
– Од аспект на околината, овие возила мора да се чисти и да не ја загадуваат околината во моментот од кога го напуштаат градилиштето. Инспекторатот на Град Скопје има надлежност да ги контролира камионите и другите градежни машини кога излегуваат од градилиштата на улица со валкани тркала и непокриени со поклопец – церада (во согласност со Законот за јавна чистота). Овие контроли се вршат секојдневно и против сите прекршители се поднесува соодветна пријава. Сите граѓани што ќе забележат ваква појава можат да ја пријават во Инспекторатот на Град Скопје.