Фото: Игор Бансколиев

Жителите на скопските општини и покрај многубројните ветувања за зголемување на нивото на хигиената во градот, не го кријат својот скептицизам по ова прашање. Не поради тоа што не веруваат во новата локална власт, туку затоа што многу се големи нехигиената, некултурата, како и непочитувањето на природата кај одредена група граѓани

Независно која политичка опција е на власт во општините и во Град Скопје, депониите секогаш се присутни тука, пркосејќи на работењето на локалните власти. Откако влегоа во своите градоначалнички кабинети, речиси сите градоначалници во Скопје агресивно настапија во битката против депониите. И покрај тоа што не изминаа ниту десет дена од новата општинска постава, сите сериозно се фатија за работа. Изминатава недела се чистеа депонии, се чистеа речни корита, се средуваа патеки за рекреација…

ВО СИТЕ ОПШТИНИ ИНТЕНЗИВНО СЕ ЧИСТЕШЕ

Новата локална власт им објави војна на дивите депонии, кои како печурки никнуваат речиси секојдневно во секоја градска општина. Ако денот по утрото се познава, тогаш во оваа ситуација, ако четиригодишниот мандат на градоначалниците се познава по почетокот на нивните работни обврски, на скопските општини ќе им претстои период на генералка и војна со дивите депонии.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, минатата недела започна да реализира еден од позначајните проекти од неговата програма.
Како што информираа општинските власти, станува збор за чистење на речното корито и уредување на кејот на реката Серава.
– Проектот ќе се одвива во неколку фази бидејќи течението на реката е по должината на целата општина.
Затоа, чистењето на речното корито ќе трае до пролет, кога се планира да отпочне уредувањето на кејот, односно изградбата на пешачката и трим-патеката со поставување урбана опрема и хортикултурно уредување – велат од Бутел.
Со миење на улиците и тротоарите, чистење на мини-депониите во населбата Расадник, кастрење на гранките од дрвјата во Бирарија, својот мандат го започна и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој на граѓаните им вети зголемување на бројот на сезонски работници, подобрување на услугата од комуналните служби, со цел чисти улици и паркови во секое време.
Ѓорѓиевски истакна дека ова е само почеток на една силна офанзива за чистење и расчистување на општината Кисела Вода. Во оваа општина исто така се расчисти дивата депонија во месноста Дупки во населбата Драчево.
Расчистувајќи ја дивата депонија кај гробиштата „Камник“, го почна мандатот и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, а градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, веќе го најави мапирањето на дивите депонии во оваа скопска општина.
Ништо поразлично во својата првата недела од водењето на општината не беше ниту градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој се пофали со осветлување, чистење и уредување на пешачката патека на насипот во општината.
И Стевчо Јакимовски, старо-новиот градоначалник на Општина Карпош, вети дека чистењето на општината ќе биде еден од неговите приоритети.

ГРАЃАНИТЕ СКЕПТИЧНИ

Жителите на скопските општини и покрај многубројните ветувања за зголемување на нивото на хигиената во градот, не го кријат својот скептицизам по ова прашање. Не поради тоа што не веруваат во новата локална власт, туку затоа што многу се големи нехигиената, некултурата, како и непочитувањето на природата кај одредена група граѓани.
– Една од најважните работи на секоја општина е чистењето, средувањето на улиците, локалните паркови, празнење на кантите за отпадоци. И тоа мислам дека речиси никогаш не било проблем во нашиот град. Речиси секоја општинска власт, односно вработени во комуналните сектори, си ја вршеле својата работа, некоја повеќе, некоја помалку, меѓутоа, проблемот е во тоа што колку повеќе се чисти, толку повеќе диви депонии и ѓубре никнуваат. Како некој намерно да сака да живееме во ѓубре и отпадоци – вели Милка Стојанова, жителка на Аеродром.
И за Далибор Китановски, жител на Драчево, проблемот е во тоа што поради шутот што со камиони со години се истура од страна на граѓаните не може да се направи целосно да исчезнат депониите.
– Денес ќе се исчисти тука, утре на погорниот агол од улицата ќе никне нова депонија. И сѐ така во круг и не само тука во мојата општина туку насекаде. Мизерно е колку некои граѓаните уживаат да живеат во ѓубре. Нѐ трујат сите, особено децата, кои за да пораснат во здрави личности, мора да живеат и во здрава животна средина – вели тој.

[email protected]