Фото: Игор Бансколиев

Сѐ погласни и сѐ поконкретни се иницијативите и кај нас преку кои граѓаните, покажувајќи ја реалната слика за тоа каква е фактичката состојба поврзана за оваа категорија учесници во сообраќајот, нудат сѐ повеќе практични, конкретни решенија за издигање на нивото на велокултурата, паралелно со издигањето на повисоко ниво на безбедноста во сообраќајот на патиштата. „На точак“ се група ентузијасти што силно се заложуваат за подобар велосипедски амбиент во секоја смисла на зборот

„ВЕЛОСИПЕДСКИ СЕМАФОР“ Е ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ШТО МОТИВИРА И ОХРАБРУВА

Факт е дека велосипедистите се категорија граѓани и учесници во јавниот сообраќај во светот чија безбедност е високо загрозена. Македонија не е исклучок од оваа констатација. Меѓутоа, сѐ погласни и сѐ поконкретни се иницијативите и кај нас преку кои, покажувајќи ја реалната слика за тоа каква е фактичката состојба поврзана за оваа категорија учесници во сообраќајот, се нудат сѐ повеќе практични, конкретни решенија за издигање на нивото на велокултурата, но и за издигање на повисоко ниво на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

НАЈЕФИКАСНО РЕШЕНИЕ ДОСЕГА СЕ ПАТНИТЕ ДИЕТИ

„На точак“ се група ентузијасти што се заложуваат за подобро велосипедско Скопје. Таа група граѓани има повеќе од дваесет илјади члена, а постои од 2012 година. „На точак“ претставува коректор и критичар на секоја градска и општинска власт, од областа на правата на велосипедистите учесници во сообраќајот. Тие подготвија проект-иницијатива, наречена „Семафор со десет чекори за пешачко и велосипедско Скопје“. Со оваа инцијатива тие ја покажуваат реалната слика за тоа што му е потребно на градот за да може да се носи со епитетот велосипедски град.
Преку боите на семафорот, обележени се областите во кои ништо не е направено откако тие постојат, или, пак, има некаков напредок. За жал, зелената боја не е застапена во ниту една точка. Најзастапени се црвената и портокаловата боја, која покажува дека нешто е преземено во одредена област, но, сепак, не е доволно за да добие жолта боја.
Според нивниот семафор, најмногу е направено во областа на ослободувањето на тротоарите и квалитетен јавен простор, па токму затоа овие точки на нивниот семафор се обележени со жолта боја.
– Пристапност на сите јавни површини за тркалата на велосипедите, детските колички, количките на лицата со хендикеп, тротинетите; квантитативно и квалитативно подобрување на јавниот простор; и физичка заштита на јавниот простор со соодветен дизајн (зеленило, жардиниери, столпчиња) – наведено е во нивниот извештај.
Според нив, потребно е уште многу да се направи во областа на ослободувањето на јавниот простор од несоодветно поставени тераси од кафеани, билборди и контејнери.
Околу велосипедската мрежа, од организацијата велат дека досега најголеми резултати има кај брзото воведување велосипедски ленти преку патните диети на неколку булевари во градот. За жал, како што информираат, за спроведување велосипедска мрежа е потребно да се работи уште многу, бидејќи освен постојниот план за унапредување на велосипедскиот сообраќај, во практика ништо не е реализирано.

„ЗОНА 30“ ЗА ПОЗДРАВ

Според „На точак“, напредок има во прогласувањето „зона 30“ и обезбедувањето на улиците со подигнати пешачки премини во голем дел од општините и градот, особено на локациите каде што има училишта и детски градинки.
Сепак, оттаму велат дека е потребно и улиците што немаат тротоари да бидат прогласени за „зона 20“, а потенцираат дека е потребно да се ревидираат сите планови за изградба или реконструкција на улици во градот и општините, бидејќи во нив е потребно да бидат вклучени и соодветни решенија за велосипедистите.
И покрај тоа што голем број институции имаат поставено паркинзи наменети за велосипедите, сепак, велосипедистите велат дека е потребно да се донесе одлука со која во секој проект за изградба на нова зграда ќе биде потребно да има и обврска да се направи велосипедски паркинг.

ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ОБЕМОТ НА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО

„На точак“ велат дека, и покрај тоа што субвенционирањето на граѓаните за купување нов велосипед постои речиси една деценија, сепак, потребно е да се имплементираат иновативни решенија за оние што спаѓаат во категоријата на социјално загрозени граѓани. Според нив, потребно е да се даваат и субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди.
Голема критика има и недостигот од механизам за изнајмување велосипеди. Иако Скопје пред повеќе години имаше ваков проект, тој претрпе огромни штети и загуби, бидејќи голем дел граѓани ги крадеа и оштетуваа велосипедите.
Велосипедистите сметаат дека е потребно да се изработи студија за оптимално решение за систем за изнајмување велосипеди (истражување на потенцијални локации, истражување на модел на финансирање, можности за интермодалност итн.), како и спроведување систем за изнајмување велосипеди како дел од системот на јавен превоз на Скопје.
Тие сметаат и дека е потребно да се воведе вардарска зелена магистрала за велосипедите, односно изработка на проект за доуредување на коритото на Вардар и за поврзување на кејот со остатокот од мрежата, изведба на пристапни рампи кон секој мост и конектори кон остатокот од мрежата, како и продолжување на патеката кон западниот и источниот крај на градот. Исто така сметаат дека сличен пристап треба да се употреби и за зелените коридори по текот на Лепенец, Серава, Треска, Маркова Река и Усјански канал.
Семафорот подготвен од велосипедистите има многу други аспекти што го опфаќаат овој вид сообраќај во Скопје и општините.

[email protected]