Десет високо квалитетни прочистувачи за воздух доби ЈЗУ Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
По тој повод болницата денеска ја посетија министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
– После несаканиот инцидент со системот за затоплување во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир вчера на средбите кои ги имавме во рамки на нашите активности за имплементација на планот за чист воздух и дефинирање проекти со компанијата „Еко тип“, присуствуваше и менаџерот за Европа на компанија „Блу ер“, Александар Провинс. Со донација од десет илјади евра на компанијата „Блу Ер“ денеска болницата е опремена со високо квалитетни прочистувачи, кои се едни од најдобрите во светот со најбрзо прочистување на воздухот и на тој начин бебињата ќе бидат заштитени додека не се реши проблемот со затоплувањето, изјави Макрадули.
Борбата за чист воздух е континуирана, рече Макрадули и се заблагодари за донацијата.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека освен новата опрема, се спровеле и тренинзи, а сакаат да го зајакнат капацитетот на оваа болница и во однос на системот за греење. Минатата година, посочи, беше изготвен проект за гасификација, кој како приоритет влезе во планот за јавни набавки заедно со изготвување на систем за приклучок кон гасификација во болниците во Куманово и во Струмица и се подготвени да ги започнат тендерските постапки.
– Верувам дека во најкраток можен рок, како што наложуваат законските прописи, ќе се завршат сите постапки и оваа болница, како и болниците во Куманово и Струмица, ќе можат да се приклучат кон мрежата за гас. Сигурно тоа ќе биде време од неколку недели или месеци, додаде Филипче.