Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неколку македонски града (Скопје, Тетово, Битола, Прилеп, Струмица) деновиве се најдоа на врвот на ранг-листата на најзагадени градови во светот. Оваа состојба со фаталното загадување на воздухот не е од вчера, туку се повторува со години и влијае врз здравјето на сите, од најмали до највозрасни. Во меѓувреме нема никакви сигнали дека надлежните имаат решение за овој најгорлив македонски проблем на денешницата

Македонија деновиве е вистинска гасна комора, а загаден воздух дишат сите од најмало до најголемо. Никој не е поштеден, но секако најмногу нѐ загрижува здравјето на нашите најмили. Од загадувањето и штетните ПМ-честички се чувствуваат печење на очите, главоболка и отежнато дишење. Зимскиот распуст, кој се одолжи само за два дена, не ни го решава проблемот со здравјето на нашите идни генерации, бидејќи повторно се чека загадувањето да ни го расчистат метролошките состојби. Уште колку долго ќе се потпираме на ветрот и на дождот за да се спасиме од бавното и тивко умирање, последица од загадувањето на воздухот.

Не нѐ плашат ли алармантните бројки? Познат е фактот и дека надлежните од Институтот за јавно здравје пресметале дека од 5.500 починати во 2017 година, смртта на дури 1.250 ја поврзуваат со загадувањето, земајќи ја предвид методологијата за процена на ризик. Според мислењето на здравствените експерти, половината од нив би можеле да се спасат, ако надлежните преземеле мерки да ја намалат концентрацијата на опасните и канцерогени честички во воздухот. Како сега ќе нѐ спасат овие мерки актуелни деновиве, ако не се преземе нешто многу подрастично за решавање и сосекување на проблемот во корен. Никако не се доволни само бесплатниот превоз, прекинот на градежните активности и двојно поскапениот паркинг во Скопје. Веќе неколку зими едноподруго, па и оваа, граѓаните дишат загаден воздух. Деновиве, Македонија и нејзиниот главен град Скопје уриваа рекорди и се најдоа високо на врвот на листата на земји и градови со загаден воздух.

Ситуацијата со загадувањето на воздухот не е многу подобра ниту во Тетово, Битола, Прилеп, Струмица и во други градови во земјава. Реакцијата на граѓаните на социјалните мрежи за спас од загадувањето не престануваат, како што не престанале да реагираат и невладините, кои честопати посочуваат и решенија и странски искуства. Колку помогна вчера бесплатниот јавен градски превоз не може да се каже, бидејќи за да се качи некој во автобус треба од својот дом до автобуската станица повторно да дише загаден воздух. Ниту проветрувањето на домовите не е можно, бидејќи низ прозорците повторно ќе ни влезе загаден воздух. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во текот на вчерашниот ден, сепак, регистрирале намалени концентрации на штетните честички во воздухот, но немаа некаква анализа колку овие мерки помогнале во тоа. Ниту од ЈСП не беа во можност да кажат дали поради бесплатниот превоз се зголемил бројот на превезени патници, а од МВР посочија дека тие не би можеле да кажат дали има намалена фреквенција на сообраќајот во текот на вчерашниот ден, туку дека можеби одговор ќе имаат од Центарот на управување и контрола во сообраќајот на градот Скопје од каде што исто така не добивме одговор. Ако никој не анализира и никој ништо не прави како ќе го решиме проблемот што нѐ чини животи?

– Секторот за мониторинг на воздухот нема направено некоја анализа, и нема да прави, дали овие мерки придонеле за подобрување на состојбата, но подобрување во концентрациите на штетните честички има. Дали е тоа поради мерките или поради актуелната метеоролошка состојба не може да се каже. Можеби мерките и ќе бидат повлечени, бидејќи тие се превентивни заради здравствената состојба на граѓаните.

Кога ќе има мерки што директно ќе влијаат на загадувањето, тогаш се прави сеопфатна анализа, како на пример кога ќе се случи комплетна промена на користењето на енергентите за загревање на домовите кај домаќинствата или, пак, да речеме, вклучувањето на нови автобуси на гас во градскиот превоз. Таквите анализи се сеопфатни и бараат подолго време – вели Беса Татеши, одговорна за информирање во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Невладините организации никако не се согласни дека ова што досега е направено со владините мерки е доволно. Многупати само во затворени кругови се зборува за сите оние мали работилници и сервиси што од дрвена пилевина прават брикети или согоруваат сѐ и сешто, а никој ниту ги контролира ниту ги казнува. Од невладината организација „Зелен институт“ прашуваат дали е малку тоа што сме први во светот по загаден воздух, па оттаму констатираат оти е јасно дека мерките не се доволни.

– Владините мерки очигледно не се доволни за справување со оваа алармантна состојба, први сме во светот! Потребни се вонредни контроли не само на големите загадувачи, туку и на сите помали загадувачи, за кои се надлежни општините. Да се интензивираат инспекциските контроли и да се наложи да се намали работата во индустриските капацитети и на градежните активности. За граѓаните, да се обезбеди бесплатен јавен превоз и последователно, да се обезбедат повеќе линии – вели Наташа Амдиу, директорка на невладината организација „Зелен институт“.

Меѓу народот често се вели дека за да се направат некои работи можеби и не требаат секогаш пари, но и ако се потребни за решавањето на проблемот со загадувањето, тогаш најмногу и на прво место треба да се издвојат за тоа, а потоа за сѐ друго.
С.Р.

Деновиве ни маските не ги спасуваа граѓаните
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од што се продуцираат штетните гасови?

Она што граѓаните треба да го знаат, а уште повеќе да го истражат надлежните е од што се продуцираат некои гасови. Па, така, познато е дека јаглеродниот моноксид е безбоен, без вкус и токсичен загадувач на воздух, а се продуцира преку нецелосното согорување на горива што содржат јаглерод, како бензин, природен гас, нафта, јаглен и дрво. Азот диоксидот е дел од групата гасни загадувачи на воздухот произведени како резултат на патниот сообраќај и други процеси на согорување фосилни горива. Неговото присуство во воздухот придонесува за формирање и модификација на други загадувачи на воздухот. Азотниот диоксид и азотниот оксид се нарекуваат азотни оксиди. Азотните оксиди реагираат и притоа формираат смог и кисели дождови, но исто така се централни во формирањето на ПМ-честиците и озон на ниво на земјата. Озонот е гас составен од три атоми на кислород. Озонот се јавува и во горната атмосфера на земјата и на ниво на земјата. Озонот може да биде добар или лош, во зависност од тоа каде се наоѓа. Ако се наоѓа од 10 до 48 километри над површината на земјата таму помага во формирање заштитен слој, кој нѐ штити од штетните ултравиолетови зраци на сонцето. Во пониската атмосфера на земјата, во близината на нивото на земјата, озон се формира кога загадувачките материи што ги испуштаат автомобилите, електричните централи, индустриските котли, рафинериите, хемиските постројки и други извори реагираат хемиски во присуство на сончева светлина. Озонот на ниво на земјата е штетен загадувач на воздухот. Сулфур диоксидот е гас што е невидлив и има непријатен и остар мирис. Лесно реагира со други супстанции за да формираат штетни соединенија, како сулфурна, сулфуреста киселина и сулфатни честички. Сулфур диоксидот се создава кога горивата што содржат сулфурни соединенија горат. Кога сулфур диоксидот се раствора во капки вода од облаците, тоа го прави дождот повеќе кисел отколку нормално. Тие дождови се наречени кисели дождови. Околу 99 отсто од сулфур диоксидот во воздухот доаѓа како резултат на тоа што го создава човекот. Сулфур диоксид најчесто е присутен во емисиите на моторните возила, како резултат на согорувањето на горивото. Озлогласените ПМ-честички се штетни по човековото здравје затоа што се толку ситни што можат да влезат во дишните патишта и да се пробијат во крвните садови. Тие најчесто се создаваат при несоодветно согорување на материите. Доколку една материја не согорува ефикасно, некои од несогорените материи излегуваат во форма на овие честици. Дури, ПМ 2,5 честичките се поштетни, затоа што се многу помали од ПМ 10 честичките. Тие се со големина од 2,5 микрометри или, за споредба, се 100 пати потенки од човечкото влакно.


Граѓаните се трујат, партиите се расправаат

Загадувањето на воздухот опозициската ВМРО-ДПМНЕ го нарече „еколошка катастрофа еднаква на геноцид“ и обвини дека мерките на Владата не се долгорочни и ефикасни, туку „само набрзина гасење на пожарот“.
– Сведоци сме само на една мерка за која постои огромен сомнеж, а тоа е дека по секое енормно зголемување на загаденоста се расипуваат мерните станици и се гасат мерните станици низ градовите и оние места каде што ќе се покаже енормно загадување – сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
На нивната реакција се огласија и од СДСМ, обвинувајќи дека единаесет години ВМРО-ДПМНЕ го игнорираше проблемот со загадувањето на воздухот и, наместо на потребите на граѓаните, се посвети на криминал и корупција. Додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ системски го уништуваше зеленилото, ја загрозуваше животната средина заради остварување криминални интереси. Од СДСМ додаваат дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, време кога и Мицкоски беше директор на ЕЛЕМ, струјата поскапе за 100 отсто. Поради скапата струја, домаќинствата беа принудени, велат тие, да преминуваат на поевтини и помалку еколошки начини на греење. Денес, велат тие, од СДСМ се преземаат заеднички напори со сите надлежни институции, преку низа мерки на краток, среден и долг рок за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.


„Мој воздух“ регистрира помалку штетни честички

И апликацијата „Мој воздух“ вчера покажуваше намалени концентрации на штетните честички во воздухот. „Мој воздух“ инаку ги користи и ги пренесува податоците од државните мерни станици, па, така, вчера во 9 часот во Лисиче јаглеродниот диоксид беше застапен со 4 милиграми на кубен метар, азот диоксидот со 51 милиграм, а озон имаше еден милиграм на кубен метар. Според вчерашните информации, сулфур диоксид имаше 8 милиграми на кубен метар. Еден милиграм јаглерод диоксид на кубен метар беше измерен во Гази Баба, азот диоксид 9 милиграми, озон еден милиграм, а сулфур диоксид имаше 4 милиграми на кубен метар. Во истиот утрински термин, кај Ректорат беа измерени еден милиграм јаглерод диоксид на кубен метар, азот диоксид имаше 60 милиграми, а озон исто така еден милиграм на кубен метар. Податоците за општината Бутел покажаа дека јаглеродниот диоксид во воздухот бил присутен со еден микрограм, озонот со 3 микрограми на кубен метар, а сулфур диоксидот со само 2.