Меѓу Дебар Mаало и кафеаната „Идадија“ постои тесна, вековна и нераскинлива врска. Да се пишува за „Идадија“, а да се издвои Дебар Mаало е едноставно невозможна мисија
„Дебар Маала није шала“ е познатата дебармаалска изрека опеана и во песната на познатата група „Леб и сол“ за Скопје. И навистина е така, да се биде дебармаалец и да се седи во „Идадија“ не е шега. Познатиот скопски рокер и ортодоксен дебармаалец Влатко Стефановски, во песната „Сеир“ од истоимениот албум, започнува со „Седам во ’Идадија’, сум фатил пусија, цел свет на нишан, од овде до Русија…“.
Дебар Маало е познато по боемскиот живот и денес тука се наоѓаат голем број ресторани. Многу кафеани во Скопје ги снема, се отвораат нови, но „Идадија“ опстојува и ќе опстојува со години, години… Нејзината тајна е во едноставноста, обичноста, природноста, која и денес не го губи идентитетот. Муабетите се обични за малите и големите проблеми во општеството, за гулабите со најголемиот познавач на гулабарството, дебармаалецот Ките, фудбалот, политиката, ловот, риболовот, во кој е вљубеник и самиот сопственик на „Идадија 3“, Александар Цветановски, кој истакнува дека ловот е негова најголема страст, а риболовот негова неизлечива болест. Со неговите пријатели раскажуваат многу рибарски и ловечки приказни.
„Идадија“ е место каде што се сретнуваат минатото и иднината и во претпладневните утра и во вечерните часови. „Идадија“ носи во себе толку спомени и токму поради тоа и претставува историско благо на Дебар Маало, кое го задржува вистинскиот боемски дух од минатите времиња и некогашното Скопје, а тоа е она што ја прави посебна. Освен што е место за сечиј вкус, за комплетно уживање со вкусна храна, „Идадија“ е царство на скопската боемштина. Место за седење со добра капка и скара, пред сѐ ќебапчињата и незаборавната „10-ка со кромид“, ракија со мезе и салата од зелка во сенка налето и топење тенки шприцери, мешано месо на жар. Најбитно е тоа што секој посетител се чувствува пријатно и удобно.
Вратата била, е и ќе биде отворена за сите. За луѓе со различно образование, различен стил на живеење, луѓе од политичкиот, спортскиот, уметничкиот живот, но основно е дека на многумина од посетителите им била и сега им е „втор дом“. Боемско свратилиште на сите вљубеници на градскиот дух, иако остана верна на традицијата сите години, таа и денес ги привлекува сите генерации. Шармот е неповторлив и ја разнежува сечија душа. Место каде што гостите постојано се враќаат. Ова еснафско место е опеано во песни, интересни приказни, новинарски текстови. Овековечени се драмските текстови за Дебар Маало на генијалецот на пишаниот збор Горан Стефановски, кој при секое враќање од Англија е тука, во „Идадија“.
Пријателот на сопственикот Александар, љубителот на боемските звуци, кумановецот Нино Величковски во 1996 год. издаде песна насловена по легендарната кафеана „Идадија“, „Влези овде, во ’Идадија’, и тагата за миг остави ја“.
Во предговорот на збирката песни на поетот Слободан Марковиќ, познат како Либеро Маркони, под наслов „Еднаш во градот којзнае кој“, напишан од самиот автор, тој со голема гордост истакнува дека е роден во 1928 год. над самиот влез на кафеаната „Идадија“ во Скопје.
Александар Цветановски вели дека куќата како да била предодредена за неа да бидат врзани спортски збиднувања и место каде што ќе се собира многу народ. Во 1930 год. тука била направена првата кугларница во Македонија, а изградената патека била од посебна смеса (говедска крв, коњска грива и опаши). Тука биле старите непомирливи богаташи, свратилиште на македонските Евреи, на младите авангардисти, но и пропаднатите ученици и студенти. Кај гостите од сите маси се чувствувало расположение, убаво раскажување, многу хумор дури и сарказам, ама и филозофски размисли. Тука престојувале ведри, весели, духовити, дружељубиви, добродушни луѓе постојано подготвени за шега, па токму тоа се карактерните црти на дебармаалците, а такви се и денес. Љубители на фудбалот и незаборавната Руска плажа на реката Вардар. Неделите биле празник на фудбалот. Се играло по сите полјани. Го формирале фудбалскиот клуб Работнички, во тоа време Раднички. Името одговарало токму заради тоа зашто повеќето членови потекнувале од работнички семејства, а црвената боја на дресовите симболизирала страст, крв и слобода. „Идадија“ на генерации дебармаалци им било место на многу збиднувања од спортот. Сите биле загреани за Работнички, за кој и денес многумина знаат да кажат дека е дебармаалски клуб. Нема стар дебармаалец што во своето срце не го носи Работнички. Многу спортски настани почнувале и завршувале во „Идадија“. Место каде што се правеле составите на тимовите, трансферите на играчите, но и многу шеги и јадачки. Сопственикот Александар носталгично констатира дека љубовта за спортот што „пламтела“ во „Идадија“, сега само тлее…
Во периодот меѓу двете светски војни меѓу дебармаалците се појавиле и голем број револуционери, кои подоцна станале и учесници во НОБ. Мора да се спомене секојдневниот посетител Петар Ристовски, роден дебармаалец што бил ранет на деветнаесетгодишна возраст токму пред Учителската школа. Потоа тој станува фудбалер на Работнички, па кошаркар. Дебар Маало го даде и херојот Дане Крапчев.
Кој ја прави „Идадија“ – секако придонес имаат постојаните некогашни гости, фудбалерите Војче Димитровски-Брсјак, Шпире Петровски, семејството Кокиновски – најголемите таленти Толе, а особено неговиот брат Васко Кокиновски-Макара, виртуоз на фудбалскиот занает. Не може да не се спомене и секојдневното присуство во „Идадија“ на браќата дебармаалци шегобиецот Ангеле, најспособниот трговец за добри зделки, претставник на успешни увозно-извозни претпријатија Ристо и најмалиот брат Петар Ристовски, најхуманиот дебармаалец, љубимец на сите, креатор на Градскиот парк и легендарен директор на „Паркови и зеленило“. Пошумувањето на Водно и Гази Баба е поврзано со името на Перо. Во Градскиот парк треба да се направи спомен-обележје на Перо – првиот екологист.
Тука се и мајсторите на прим Лазо Дуковски и Борис Данајлов, браќата Кузе и Насте Дуковски, Спасе Треневски, Наце, Мачки-Молерот, Дончо-Гркот, Круме Стефановски, Душко и неговиот брат Ките, Конте, Бакли, Шарац, Биљбиљ, Мулац, Бучки, Мариовец, Пижле, Толчи, Перула, Доксим, Дула, Фејсал Инжењер, Жаба, Мечка и многу, многу други. Во Идадија сѐ уште се раскажува дека тие умееле да се шегуваат на туѓа, но и на своја сметка. Пиеле, пцуеле се кладеле во софра и пијачка за цела кафеана. Кога се веселеле, тоа навистина било вистинска веселба. Тие не влегувале први во кавга, ама од неа секогаш излегувале како победници. На секое тенџерче му наоѓале капаче. Вечни победници во игрите шах, дама, табла, глад, покер, а за вештините џамлии, фанта, челик, купчиња, чифт-тек им немало рамни. Многумина од нив веќе ги нема, но сега се тука нивните потомци.
– Сега се присутни нови генерации дебармаалци, но и нивниот дух е како на нивните претходници. Саботите претпладне тука е Ѓоко Џук, најстариот син на Добри со своите другари од детските и младешките години. Задоволство е да се слушаат нивните интелектуални размисли. Во нив има многу знаење, култура, духовитост и непосредност. Би го цитирал новинарот Милан Банов, кој успеа пластично да ја наслика „Идадија“. „Можеби не знаете, можеби и не мислите така, но ’Идадија’ е најсветската кафеана во Скопје и пошироко. Кафеана каде што се уриваат статусите и границите на припадност и каде што на дупла маса седат молери и професори, механичари и директори, железничари и фудбалски и натфудбалски судии, успешни и неуспешни дебармаалци. Во Дебар Маало за Вардар се навива, а Работнички се сака“ – изјавува Александар, за потоа да продолжи.
И покрај тоа што денес Скопје е сосема изменето, изменето е и Дебар Маало, кое со изградбата на големите згради го изгуби „шмекот“, но „Идадија“ е иста и токму поради тоа му дава незаборавна целина на градот.
– Со изградбата на Боемската улица му се врати душата на градот. На Боемската улица треба да ѝ следува збратимување со белградска „Скадарлија“ и со париски „Монмартр“. На Боемската улица по кафеаните треба да се организираат значајни манифестации (изложби, трибини, работилници, литературни средби) – ги искажува завршните зборови соговорникот Александар.
За потоа да го заврши изложувањето со текстот на Горан Стефановски напишан по повод дебармаалската средба. „Како што младите не знаат колку се среќни што се млади, а здравите што се здрави, така ни дебармаалците не знаат колку се среќни што се дебармаалци и што ја имаат ’Идадија’“.
Традицијата што трае
Сопственикот Александар истакнува дека неговото семејство веќе пет генерации пројавува интерес за угостителството. Почетоците се од неговиот прадедо Цветан, кој отворил кафеана во Букурешт, за потоа да се врати во Скопје и на неговиот син Ефто да му отвори кантина во Учителската школа. Во 1928 година Ефто ја отворил кафеаната „Идадија“, наспроти Учителската школа. Објаснува дека самиот збор „идадија“ на турски јазик значи „лицеј, гимназија“. Традицијата ја продолжиле и неговите синови Апостол и Добри. Секогаш била машка кафеана и сѐ функционирало како добро организирано семејство.
Веднаш по Втората светска војна, во 1947 година, била национализирана и со „Идадија“ стопанисувал „Метропол“ од 1953 година. Процесот за денационализација од страна на синовите на Ефто завршил со судска парница во 1960 година, а како закупец продолжил со работа „Метропол“. Во 1991 година кафеаната е поделена на два дела од страна на едниот син на Апостол, човекот со спортски дух Миле Цветановски и другиот дел на најмалиот син на Добри – Александар, нашиот соговорник. Сега функционираат две кафеани – „Идадија М“ и „Идадија 3“.
Сопственикот Александар истакнува дека угостителството е семејна традиција и истакнува дека со истиот бизнис е поврзана и постарата ќерка, а дека и малата ќерка пројавува голем интерес, иако се занимава со друга професија. А по нив секако се внуките, особено малата Темјана, која уште сега, на мала детска возраст, се интересира за готварството. Затоа Александар се гордее со продолжување на традицијата.
– Се прават постојани напори во ова време да се одржи традицијата, тоа е долг спрема предците, но мораме и да ја осовременуваме како симбол на денешното битисување. Не смее да се запостави, уништи трудот на предците. Зарем да се заборават трудот и срдечноста на сопствениците Апостол и Добри. Се помнат гостопримливоста на моите родители Добри и Павлина и нивните богати неделни ручеци, приготвувани со љубов за нивните деца и внуци. Зарем некој може да ја заборави најубавата лутеница на дедо Добри, чиј рецепт се ширеше низ соседството. Прославувањето, пак, на славата Свети Архангел Михаил беше вистинско богато празнично доживување. Не можеше да се избројат гостите што со почит доаѓаа за славскиот празник – вели Александар.