Фото: Игор Бансколиев

Факт е дека во критичниот период имавме повеќе сончеви денови со чист воздух, ветрови што придонесуваа за почист воздух, но факт е дека повеќе анкети и истражувања открија дека граѓаните и поодговорно се однесуваат апстинирајќи од палење и загадување, но на крајот и инспекциските служби се поактивни и ефикасни. Исто така, кампањата против загадувањето дава одлични резултати заедно со кампањата за спречување на палењето стрништа, односно остатоците од берба и субвенциите, и за чистење на оџаците во домаќинствата, кои се едни од најважните кампањи на Град Скопје за издигање на свеста во борбата против загадувањето на воздухот, информираат градските власти

И КАМПАЊИТЕ НА ГРАДСКИТЕ ВЛАСТИ ДАВААТ ПЛОД

Оваа зима се чини дека загаденоста е за некој процент намалена, иако тоа не значи дека воопшто немавме загадени денови кога ПМ-честичките достигнуваа енормно високи бројки штетни за здравјето на човекот. Апликациите што мерат загаденост на воздухот повторно покажуваа високи вредности, предупредувајќи ги граѓаните да не излегуваат на отворено доколку за тоа немаат некоја особена потреба или, пак, итност. Сепак, вреди да се спомене и фактот дека годинава како да имавме повеќе сончеви денови со чист воздух, факт што го забележале и граѓаните на метрополата. Според нив, поминало доста долго време кога во зимскиот период можеле да прошетаат во главниот град, а да не се гледа маглив воздух и да се ужива во сонцето иако температурите се доста ниски.
– Зимскиот период некако како да навикнавме да е маглив, сив, без можност да се ужива во чистиот воздух иако е студено. Годинава некако имам впечаток дека и покрај загаденоста, сепак имавме повеќе денови кога воздухот беше чист и можевме да прошетаме и да излеземе со децата на пешачиме покрај кејот на Вардар без да бидам оптоварена со тоа дали воздухот е загаден или не. Се надевам дека наредната зима состојбата ќе биде уште подобра – вели Розе Трајановска.
Загадувањето главно доаѓа од несовесното создавање и палење диви депонии, палење стрништа и остатоци од берби, но и од автомобилите и загревањето на домаќинствата.
Сепак, кампањата на градските власти, според која, граѓаните треба да ги пријават сите запалени депонии и огнови на отворено се чини дека даде плод, за што говори и статистиката што Град Скопје ја реализира за крајот на минатата година.
Оттаму велат дека бројката на пријавувања на незаконски запалени огнови е двојно намалена за разлика од 2019 година.

– Во текот на месеците ноември и декември изминатата 2020 година на телефонскиот број 193 има вкупно 23 јавувања, односно осум интервенции на Противпожарната бригада и 15 интервенции на Инспекторатот на Град Скопје. Во текот на 2019 година бројот на јавувањата и на интервенциите во истиот период, односно за месеците ноември и декември, е речиси двојно поголем, односно имало 42 јавување на бројот 193 – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека кампањата со која треба да се спречи палењето, а со тоа и загадувањето на амбиенталниот воздух во метрополата се спроведува четврта година едноподруго и нагласуваат дека истата таа дава одлични резултати.
– Кампањата дава одлични резултати заедно со кампањата за спречување на палењето стрништа, односно остатоците од берба и субвенциите, и за чистење на оџаците во домаќинствата, кои се едни од најважните кампањи на Град Скопје за издигање на свеста во борбата против загадувањето на воздухот – информираат градските власти.
Иако кампањата дала резултати, сепак, според граѓаните, потребно е да помине уште доста многу време и да се работи интензивно на свеста кај населението ако сакаме загаденоста да дојде на минимално ниво.

– Свесни сме дека мора да се работи многу ако сакаме да ја избегнеме загаденоста. Факт е дека проблемот со загадувањето на воздухот воопшто не е решен и оти тој демне зад секој чекор. Таман кога ќе помислиме дека сме се спасиле од загадувањето ни се појавуваат енормно високи вредности на ПМ-честичките. Мораме сите заедно да работиме на тоа ако сакаме да се спасиме од смртоносното загадување што го чувствуваме сите заедно – вели Елена Бошковска.

[email protected]