Фото: Маја Јаневска-Илиева

Случајот со дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје предизвика низа бурни реакции во јавноста. Првично вниманието на јавноста беше насочено кон овој објект откако во него избувна пожар и тој изгоре до темел, а по некое време на местото на поранешното кафуле почнаа да се одвиваат градежни активности со цврста конструкција, на површина од 330 квадратни метри. Потоа, откога се дигна прашина во јавноста, надлежните институции утврдија дека е дивоградба, дека според тамошниот план не е предвидена изградба на цврста градба и издадоа решение за уривање на објектот. Сега повторно се гради на истата локација, а граѓаните сѐ повеќе се јавуваат во Редакцијата за одговор на прашањето што се случува повторно пред ТЦ „Мавровка“

НОВИ ГРАДЕЖНИ ЗАФАТИ НАСПРОТИ УНИВЕРЗИТЕТОТ И УНИВЕРЗИТЕТСКАТА БИБЛИОТЕКА, ВО ЦЕНТАРОТ НА МЕТРОПОЛАТА

По речиси четири месеци откако беше урната дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“, сега повторно може да се забележат градежни активности на истата локација. Се поставува лесна конструкција, а од она што може да се забележи е дека на истото место ќе се гради објект сличен на претходниот што со години стоеше на оваа локација, а функционираше како кафуле.
Од Општина Чаир информираат дека во согласност со одредбите на Законот за градење, сопственикот има право на локацијата да го врати објектот во првобитната состојба.
– Врз основа на првобитниот објект, врз чија основа сопственикот има добиено одобрение и дозвола за градба, тој има право повторно да го изгради објектот каков што беше во првобитната состојба – информираат од Општина Чаир.
Случајот предизвика низа бурни реакции во јавноста. Првично вниманието на јавноста беше насочено кон овој објект откако во него избувна пожар и тој изгоре до темел, а по некое време на местото на поранешното кафуле почнаа да се одвиваат градежни активности со цврста конструкција, на површина од 330 квадратни метри.
Љубопитноста на јавноста долго време беше оставена да виси во воздух, бидејќи некое време надлежните не можеа да откријат кој ја реализира изградбата.
Изградбата на цврста конструкција пред „Мавровка“ ги принуди надлежните институции да издадат решение за уривање на објектот, откако беше утврдено дека тој е дивоградба и според тамошниот план не беше предвидена изградба на цврста градба.

Решението долго време не можеше да биде доставено, бидејќи не се знаеше во чија сопственост е местото и кој е инвеститорот.
Општина Чаир распиша тендер за уривање на објектот, меѓутоа ниту една фирма не пројави интерес за негово уривање, па надлежните го ангажираа Јавното претпријатие за државни патишта, кое во септември почна со уривање на дивоизградениот објект. Токму тогаш во јавноста се појави Мевљудин Алити, сопственик и инвеститор на изградбата на објектот. Алити тогаш пред медиумите изјави дека не дејствувал на сопствена рака, односно дека за изградбата имал дозвола за градба.
– Еве што сум добил од Град Скопје, еве сумата што сум ја платил спрема Град Скопје, еве ги и потписите откај Петре Шилегов. Еве го решението за другиот објект, за парцелата од 86 квадратни метри, со потпис, со датум, со сѐ – изјави тогаш Алити.
Тој исто така тврдеше дека има одобрение за обнова на објектот што му изгорел до темел.
– Ова е од Општина Чаир, што сум го добил за расчистување на парцелата каде што се гради сега, на 24 јуни 2020 година. Значи, не сум отишол по свој памет таму да градам или да обновувам. Тоа е прво. Второ, ова е едниот имотен лист од парцела, еве го едниот имотен лист од Град Скопје, еве ја сумата што сум ја платил, еве го решението од општината за едната парцела што сум ја легализирал. Еве и за другата парцела со елаборат. Еве имотен лист од другата парцела – рече Алити.
Неговиот адвокат Александар Варела тогаш најави дека правдата ќе ја бараат по судски пат.

За случајот беше поведена и истрага за бесправно градење. Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради бесправно градење од членот 244-а став 1 од Кривичниот законик.
– Осомничениот во текот на јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 квадратни метри пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган. За обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска да се јавува повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова​ – соопшти тогаш обвинителството.

[email protected]