Отворањето прозорци на вториот кат од автобусите можеби и не е толку добра идеја, доколку се земат предвид гранките од дрвјата што се лоцирани покрај улиците по кои возат автобусите. На локациите каде што има големи дрвја, честопати се случува гранките од дрвјата да удираат по автобусите, но и доколку прозорците се отворени, при возењето да навлезат во автобусот
ПАТНИЦИТЕ НА ЈСП ВО СКОПЈЕ АЛАРМИРААТ
Возењето во автобус треба да биде едно пријатно доживување на патниците. Тоа важи и за кратките релации во автобусите на јавниот градски превоз, бидејќи патниците, секојдневно користејќи ги автобусите на ЈСП, минуваат и голем дел од животот во нив, доживувајќи и пријатни и непријатни мигови, комуницирајќи со своите сопатници и пријатели, па и воспоставувајќи нови познанства и пријателства. Сепак, понекогаш возењето со автобус знае да биде доста стресно. На пример, забележена е една несекојдневна појава, особено кога станува збор за двокатните автобуси, која е дури и за рубриката „верувале или не“.
Имено, поради поголемата височина на двокатните автобуси, низа проблеми за патниците на вториот кат предизвикуваат гранките од дрвјата по должината на булеварите каде што возат автобусите, бидејќи не само што удираат во автобусот туку кога се отворени прозорците при возењето навлегуваат во автобусот оставајќи голем неред во него, а понекогаш полесно ги повредуваат патниците…
Гранките од високите дрвја удираат во автобусите и навлегуваат во возилата во движење
Отворањето прозорци на вториот кат од автобусите можеби и не е толку добра идеја, доколку се земат предвид гранките од дрвјата што се лоцирани покрај улиците по кои возат автобусите. На локациите каде што има големи дрвја, честопати се случува гранките од дрвјата да удираат по автобусите, но и доколку прозорците се отворени, при возењето да навлезат во автобусот.
Патниците велат дека тоа е случај со неколку градски линии, меѓу кои е и автобусот со бројот 57, кога сообраќа во правец од Заводот за вработување кон центарот на градот.
– Независно дали е зиме или лете, гранките удираат по автобусот. Во еден автобус со бројот 57 дури предниот горен прозорец е напукнат, најверојатно од посилен удар во гранка на дрво. И тоа е така постојано. Кога вози автобусот кон центар, патниците што седат од десната страна на автобусот и кои го забележале овој проблем, задолжително се претпазливи, затоа што доколку прозорците се отворени, гранките удираат во автобусот и навлегуваат внатре. И ништо од тоа нема да биде проблем доколку во неколку наврати не ми се случеа токму мене гребаници од силата на влечење на гранката кон својата природна положба под притисокот на автобусот да мине покрај неа. Толку силно удри во мене што дури и имав гребаници по лицето – вели Данче Соколовска.
Родителите со помали деца, кои го користат превозот, велат дека најмалите се плашат од ударите бидејќи звуците на гребење и чкрипење се доста интензивни, особено во есенскиот и во зимскиот период кога гранките се голи и немаат лисја на нив.
– Син ми има три години и секогаш кога се возиме, се плаши од гранките што удираат во автобусот. Мало дете е и тоа му причинува стрес, бидејќи не може да разбере зошто се случува тоа – вели Иван Николовски.
Дополнително, според патниците, тоа е доста голем проблем бидејќи од гранките паѓаат лисја и искршени гранки, кои остануваат во автобусите и по патниците.
– Можеби најголем проблем е кога ќе се појави некоја сува гранка, која ќе пукне и ќе падне во моментот кога автобусот ќе удри во неа. Среќа е што сите гранки се помали, инаку, доколку се погоди некоја поголема може да предизвика и посериозни последици не само по автобусот туку и по патниците – вели Соколовска.
Патниците велат дека треба да се нагласи дека проблемот е и за самото претпријатие доколку гранките предизвикуваат штета на автобусите, како што се гребење на бојата, кршење на стаклата и воопшто оштетување на превозните средства.
ПОЧЕСТО ДА СЕ СЕЧАТ ГРАНКИТЕ
Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека не можат и не смеат да интервенираат на гранките од дрвјата што се лоцирани на трасите на автобусите на ЈСП.
Велат дека тоа не е во нивна надлежност, но и дека смеат да го прават тоа исклучиво на локациите каде што јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ нема надлежности за да ги кастри гранките.
– Во случајов, јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ е надлежно за кастрење на гранките од дрвјата што се наоѓаат на трасите на некои од линиите и попречуваат при одвивањето на сообраќајот, по укажување од наша страна.
ЈСП „Скопје“ смее да ги кастри гранките само на одредени локации, односно на траси на автобуски линии што се надвор од градското подрачје, односно надвор од границите на ГУП.
И во двата случаја, гранките се кастрат по утврдена динамика, реонски, но и по приоритет – информираат од ЈСП.