Според запис на Евлија Челебија од 1668 година
Во 1668 година, кога Евлија Челебија ги посетил Солун и другите градови во Румелија, поминувајќи низ Скопје, меѓу другото забележал дека „јаничари има толку многу што го преплавиле градот“. А Скопје во тоа време бил „голем град што се наоѓа во рамница, обраснат со зеленило, украсен со градини на десната и левата страна од реката Вардар“.
Според Челебија, градот го краселе повеќе илјади интересни градби соѕидани од тврд материјал, а се наоѓале западно од реката и на страната каде што се наоѓала тврдината. Градот имал седумдесет маала: „Тоа е град со цврста и јака утврда, која има двојни бедеми. Скопје е красна населба. Градската капија и бедемите се изѕидани од делкан камен, кој сјае како полиран. Толкава префинетост и уметност во обработката на камен не може да се види во ниеден друг град. Мајсторот-архитект така ги изработил и изделкал големите мермерни столбови на тие бедеми што изгледаат како да се излеани во гипс. Такво мајсторство е покажано можеби единствено во академијата на божествениот Платон во Атина…“, запишал Челебија пред 350 години.
Кој ги плаќал јаничарите во Скопје?
Во продолжение на записот за Скопје, кој во тоа време бил преполн со јаничари, патописецот констатира дека „бедемите кои го обиколуваат градот се високи педесет аршини, има три железни капии, а во предворјето на секоја од високите капии има бројна стража. Капиите и ѕидовите на предворјата се украсени со разно оружје и алат за оружје. Самата тврдина е изградена на виски карпи, така што од неа се гледа целото поле“. Патем, во патописот, кој постојано како да е под превезот со сликата за град што „врие“ од јаничари, познатиот патописец пишува и за чаршијата во која имало две илјади и сто и педесет дуќани, при што најубав дел од неа бил делот со дуќаните на трговците со памучни ткаенини, но и оној каде што биле сместени занаетчиите и трговците што изработуваат и продаваат свилени ткаенини, потоа делот на чадорџиите, на папуџиите и бојаџиите: „Секој дуќан го красат зумбули, љубичици, ружи, босилек, јоргован и кринови во вазни и саксии“.
Притоа, и при една таква убавина што го опкружува, патописецот сепак не пропушта да каже дека токму од Скопје „се тргнувало на многубројни освојувачки походи по околните земји“, а главна воена сила очигледно биле јаничарите, кои буквално го имале „преплавено градот“. Колку од нив биле покрстени христијани од градот и од околните „триста и педесет убави села“, нема податоци, но факт е дека во градот се наоѓал „јаничарскиот ага, кој го викаат коџа-ага“. Освен него, во Скопје бил стациониран и градскиот диздар, кој располагал со „триста редовни војници на градската посада“, кои „секоја година ја примаат својата плата од државниот службеник на рудникот за сребро во Кратово“. Кој ги плаќал локалните јаничари, не се знае, но се знае дека јаничарите како војска се воведени во 1330 година.
Според историски извори, османлиските власти ги одземале здравите и силни христијански деца, ги потурчувале и со систематска обука ги обучувале како специјална војска. Во вековите што следувале сѐ почесто се случувало јаничарите да предизвикуваат нереди, кои со време станувале опасни за турската власт. Во воената литература, турскиот збор јаничар, што во превод значи „нова војска“, во основа се однесува на припадник на османлиската пешадиска единица задолжена за безбедноста на султанот. Во почетокот јаничарите биле опремени со лакови, но по 1440 година започнале да ракуваат и со сабји и ножеви. Всушност, јатаганот станал симбол на самиот корпус.
Инаку, како што е познато, први јаничари биле момчиња од немуслиманското население, односно насила потурчени христијани. Во времето на Мурат Први бил воведен и данок, со кој секој петти воен заробеник бил обврзан и принуден да го прифати исламот и да стапи во армијата. Така се формирале првите единици на пешадијата, а паралелно со тоа значењето на јаничарите започнало да расте. Во меѓувреме, во времето на Бајазит Први, започнал да се собира и данокот во крв, односно задолжително, периодично собирање машки деца од пет до десет години од поробените христијански градови и села, главно од Румелија, што значи и од Македонија. По грабнувањето, децата се носеле во Анадолија, во угледни муслимански семејства, а потоа оттаму во касарните во Цариград, Бурса или Едрене.
Сулејман Величествениот имал на располагање 140.000 јаничари!
Според француски извори од 1458 година, Султанот секоја петта година, сите насила собрани и селектирани деца од христијанските земји, ги праќал во анадолски семејства каде што се обучувале на послушност, го учеле турскиот јазик, а потоа, откако ќе потпораснеле, се враќале во Цариград каде што се вршела нова селекција. При селекцијата, оние што се истакнувале со убавина и интелигенција се испраќале во гардата. Другите биле продавани како робови. Вкупниот број на јаничарите варирал во зависност од потребите, а јаничарскиот корпус бил организиран во орти, односно баталјони, односно од 300 до 1.000 луѓе. Сулејман Величествениот имал околу 140 орти, но подоцна тој број се зголемил на над 190 орти. Султанот бил главен командант, јаничарите носеле специјални униформи, биле плаќани во готово и марширале под музика наменета само за нив. Во историските записи стои дека јаничарите одиграле голема улога во падот на Константинопол, во борбите со Австрија и поразот на египетските Малмуци. Веднаш по овие успеси, јаничарите започнале со своите барања за покачување на своите примања. По 1451 година секој султан морал да плаќа дополнителна награда за успесите на јаничарите, а во 1566 година јаничарите добиле право да се женат.
Со текот на времето, јаничарскиот корпус се засилил толку многу што станал опасен дури и за султанот, па Махмуд Втори во 1826 година ја укинал оваа веќе платеничка војска. Претходно, во 1566 година, на пример, султанот располагал со 12.000 јаничари, девет години подоцна тие биле 27.000 луѓе, а во 1592 година нивниот број стигнал до 48.688 лица и постојано се зголемувал. Во следните два века, јаничарите полека но сигурно почнале да стануваат најмоќна сила во империјата, па потребите за реформи во османлиската војска предизвикале револт меѓу платениците, кои се противеле на какви било иновации, попречувајќи дури и воведување модерно оружје во војската. Како и да е, на 19 мај 1826 година, кога било одлучено дека треба да се формира редовна турска армија, јаничарите се побуниле и се заканиле дека ќе ги убијат сите што се залагаат за реформи, па дури и самиот султан, ако не ја расформира новоформираната војска. Бунтот бил задушен, јаничарите биле принудени да молат за милост, некои од нив биле помилувани, но организаторите биле ликвидирани.
А само 150 години пред тоа, пред крајот на јаничарството како платеничка војска, Евлија Челебија престојувајќи во Скопје можел да види дека имало толку многу јаничари што буквално го имале преплавено градот. Што би забележал истиот патописец денес доколку повторно помине низ Скопје?
Македонска народна песна
Јаничари одат мамо!
Јаничари одат мамо/Јаничари одат мамо/ од село во село, голем зулум прават,/ машки деца земаат мамо, / земаат, потурчуваат,/ млади моми, грабаат мамо, / анами ги прават. Зеле ми го, зеле, мамо, / Стојана на мајка,/ зеле и одвеле,/ а Стојан ми беше, мамо,/ единец на мајка. /А Стојан ми беше, мамо,/ единец на мајка. Плакала е многу време Стојанова мајка,/ сè за Стојана плачеше, / косите ѝ побелеле, /очите ѝ истекле./ Косите ѝ побелеле,/ очите ѝ истекле.
Блаже Миневски