За да се заштити здравјето на граѓаните од ширењето на коронавирусот и да се издигне нивото на јавната хигиена, екипите на Град Скопје вторпат спроведуваат голема акција за миење и дезинфекција на јавните површини.
– Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги миеја и дезинфицираа јавните површини во паркот „Ибни Пајко“. Во текот на завчерашниот ден, пак, рачно и со посебна опрема беа исчистени и дезинфицирани патеките, клупите, павилјоните, дрвените мостови, детските реквизити и реквизитите за вежбање во трите дела на Градскиот парк, во парковите во Чаир и Ѓорче Петров, како и во парковите „Македонија“, „Жена-борец“ и во „Рајскиот парк“ во Аеродром. Повторно беше извршена дезинфекција на јавните површини и во СРЦ „Сарај“, во паркот на природата „Гази Баба“ и во парк-шумата Водно – информираат од градот.
Оттаму додаваат дека скопските пожарникари завчера извршиле целосна дезинфекција на јавните површини на кејот на Вардар. Исчистени се и патеките и урбаната опрема. Во исто време, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ рачно ги миеја и дезинфицираа плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“. На градските улици и булевари, пак, се вршеа машинско миење и дезинфекција на коловозите.