Фото: Игор Бансколиев

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ во текот на 2020 година имаат поставено вкупно 430 сообраќајни знаци, од кои околу сто сообраќајни знаци се оштетени и заменети со нови. Во текот на 2021 година, од јануари до март, поставени се 120 нови сообраќајни знаци, а оштетени се 20, кои притоа се заменети со нови, информираат од јавното претпријатие „Улици и патишта“

ОДРЖУВАЊЕ НА ХОРИЗОНТАЛНАТА И ВЕРТИКАЛНАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ

Одржувањето на хоризонталната и вертикалната сигнализација бара континуирано и постојано работење од страна на надлежните. Меѓутоа, сепак, најголем дел од нивната работа зависи од тоа дали оштетувањето на вертикалната сигнализација е направено од страна на граѓаните, независно дали тоа се случило како резултат на сообраќајна несреќа или, пак, намерно се оштетиле знаците. Обележувањето, пак, на хоризонталната сигнализација се реализира тековно, во зависност од тоа каде таа е избледена и речиси невидлива, па за да се зголеми безбедноста на пешаците и возачите, таа, во согласност со програмата, се обновува.
Новини се реализираат само на оние новоизградени сообраќајници што градските власти континуирано ги прават изминатиот период.

ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ПОСТАВЕНИ 120 СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ

Она што е најголем проблем се оштетените сообраќајни знаци на улиците. Најголем дел од тие што се поставени на сообраќајниците завршуваат оштетени како резултат на сообраќајни незгоди, во кои возачите на автомобилите удриле во сообраќајните знаци и ги турнале и искршиле. Истите тие од страна на јавното претпријатие „Улици и патишта“ веднаш се заменуваат, за да се постават нови во најбрз можен рок.
Само минатата година во метрополата биле оштетени стотина сообраќајни знаци. Екипите на јавното претпријатие во 2020 година поставиле повеќе од 400 сообраќајни знаци во градот.
– Екипите на ЈП „Улици и патишта“ во текот на 2020 година имаат поставено вкупно 430 сообраќајни знаци, од кои околу сто сообраќајни знаци се оштетени и заменети со нови. Во текот на 2021 година, од јануари до март, поставени се 120 нови сообраќајни знаци, а оштетени се 20, кои притоа се заменети со нови – информираат од претпријатието.
Статистика за тоа на кои локации во градот најчесто се заменуваат оштетени сообраќајни знаци нема, но велат дека секојдневно од нивните екипи се вршат проверка и обиколка на сите улици и булевари во градот.
– Каде што е лоциран бутнат сообраќаен знак, тој се исправува, а ако е оштетен, бојадисан од несовесни граѓани или целосно отстранет од несовесни возачи, се заменува со нов сообраќаен знак – велат од „Улици и патишта“.

ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ВЕРТИКАЛНАТА СИГНАЛИЗАЦИЈА НА НЕКОЛКУ ЛОКАЦИИ

Од претпријатието велат дека работат по однапред утврден план и динамика од страна на Град Скопје.
– Работиме по налог на Град Скопје, во однос на обележувањето на градските сообраќајници (хоризонталната сигнализација) сѐ се одвива според однапред утврдена динамика донесена од Град Скопје за годината што следува – информираат оттаму.
Оттаму информираат дека изминатиот период се работело на обележување на хоризонталната сигнализација на неколку локации во градот.
– Екипите одговорни за обележувањето на хоризонталната сигнализација на градските улици и булевари, во текот на изминатите денови работеа на обележување на пешачките премини на улицата Македонско-косовска бригада со улицата Џон Кенеди, а паралелно се работи и на пребојување на заштитните столпчиња со зелена боја на улиците во Малиот и Големиот ринг, како и на поставување вертикална сигнализација на улиците Востаничка и Фрањо Клуз – велат оттаму.

[email protected]