По повод празникот Велигден, овој викенд во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници како во централното градско подрачје на град Скопје, така и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Утре во периодот од 18 часот па сè до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени: булеварот „Партизански Одреди“ – од крстосницата со улица „Аминта Трети“ до крстосницата со булеварот „ВМРО“, и булеварот „Свети Климент Охридски“ – од крстосницата со булеварот „Илинден“ до крстосницата со улицата “Димитрие Чуповски“.
Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај кои што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев“ им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по булевар „Илинден“ и преку улицата „Франклин Рузвелт“ ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански Одреди“, додека автобусите кои што минуваат преку центарот на градот ќе се движат по улицата „М.Т.Гологанов“ па преку улицата „Франклин Рузвелт“ и ќе се вклучуваат на булевар „Партизански Одреди“. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај неколку улици во близина на црквата, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон“ по улица „Демир Трајко“ и по улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром, пак, по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.