По покана од националната директорка на „СОС детско село“, Јулијана Накова Гапо, се одржа средба меѓу неа и генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, Душко Весковски, на која беа придружувани од претставници на координативните тела на двете институции.
По потпишувањето на меморандумот за соработка во март оваа година, „Водовод и канализација“ како општествено одговорна компанија пристапи кон спроведување активности и проекти со кои ја поддржа иницијативата на „СОС детското село“, „Стани СОС пријател“, донаторската кампања за индивидуално донаторство „Ниту едно дете не треба да расте само“, како и други активности, кои се во знак на поддршка и ширење на мисијата на“СОС детско село“.
Имено, во услови на рестрикции и ограничувања како резултат на спречување на ширењето на коронавирусот, сите активности беа спроведени преку онлајн комуникација и координација, а во текот на завчерашниот ден беше одржана и средба на која обете страни го искажаа задоволството од успешно реализираните благородни активности и истовремено беа дискутирани и планови за почнување и реализација на нови активности и продолжување на соработката.
– Ние сме почестени, среќни и навистина горди што безусловно пристапивме кон почнување соработка со „СОС детско село“ и кон поддршка на нивната мисија, која сега е веќе и наша, а тоа е поддршка на деца и младинци без родители и без родителска грижа згрижени во „СОС детско село“. Како прво јавно претпријатие што стана дел од СОС-семејството, ги повикуваме сите други општествено одговорни компании и индивидуалци да го следат нашиот пример – истакна Весковски.
Од водоводното претпријатие ги повикаа сите да станат суперхерои и да донираат на https://sos.org.mk/sos-superheroi/.