Пробивањето на Христијан Тодоровски-Карпош трае цела вечност
Проблемите со сообраќајниот метеж ќе продолжат да постојат за граѓаните од северниот дел на Скопје. Градежните работи при пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош во општината Бутел сè уште се во тек, а со повторното полнење на градот по годишните одмори се очекува метежот во овој реон константно да се зголемува и да се влошува. Граѓаните од Бутел и од Радишани веќе долго време чекаат да завршат градежните работи на улицата Цетинска, која суштински е една од главните причини за големите колони и со нејзиното завршување би се намалил бројот на возилата на улицата Бутелска, а истовремено би се зголемил и протокот во критичните утрински и попладневни часови.
Претходно „Нова Македонија“ го третираше овој проблем со булеварот, кој иницијално требаше да биде комплетиран уште во месец април, сè уште постои. На крајот на јуни градот Скопје нè информира дека сегашните градски власти затекнале изведбен проект за спојување на фекалната и на атмосферската канализација со постојната подземна инфраструктура на улицата Цетинска и сега не можат да го менуваат, па, така, привремените (не)соодветни решенија останаа до ден-денес да создаваат проблеми за жителите на Бутел, Радишани, но и на Чаир и на Скопје Север.
Ограничениот проток на возила и едната постојна коловозна лента не се соодветни и компатибилни за големиот број граѓани што гравитираат во овој реон, многу често се случува луѓето и по половна час да бидат заглавени во долга коловозна колона, без разлика дали се упатуваат кон или од Бутел.
– Во летниот период протокот се одвива побавно, но нема значителни колони со возила. Но, сигурен сум дека со крајот на летните одмори и враќањето на луѓето во Скопје дека повторно ќе имаме сериозен проблем со ова тесно грло. Се надевам дека надлежните ќе го решат овој проблем со почетокот на училишната година, бидејќи често се случуваше поради метежите да задоцнам на работа и да не успеам навреме да ги однесам моите деца на училиште – вели Крсте П. од Бутел.
Градските власти нè информираа дека реализацијата на проектот е во завршна фаза и се очекува негово комплетирање во наредниот период, без назнака за тоа кога точно ќе бидат целосно завршени градежните работата. Тие потврдија дека најголемиот дел од работите се завршени и дека во моментов се работи на финиширање на одредени позиции и поврзување, како и вршење приеми и добивање дозволи и одобренија од соодветните надлежни институции.
Во насока на растоварување на сообраќајот во овој дел на Скопје, како дополнување на првата фаза од проектот за пробивање на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, од градот добивме информации дека во моментов се работи и на подготвување тендерски документации за неговата втора фаза, односно на поврзување на овој булевар со крстосницата со улицата Натанаил Кучевишки до скопската обиколница. Дополнително, од страна на градот Скопје распишан е и тендер за изработка на основен и сообраќаен проект за изградба на нов булевар, кој ќе го носи името Хрватска, кој всушност би требало да се поврзе со булеварот Словенија преку постојниот Босна и Херцеговина. Новопроектираниот булевар би требало сообраќајно да ги поврзе Бутел и населбата Автокоманда.
Во Скопје, со текот на годините константно се зголемуваат проблемите со сообраќајните метежи и непостоењето соодветна инфраструктура во пропорција со бројот на возилата, со текот на време создаваат сериозни проблеми во многу општини. Плановите за изградба на нови сообраќајници, булевари и мостови, кои често ги слушаме од надлежните и одговорни институции би требало полека да ги решаваат сообраќајните метежи, но секако ако тие се градат брзо и експедитивно, а не поради технички или какви било други причини да се одолжуваат и да им создаваат проблеми на жителите.