Традиционално по 15-ти пат денеска ќе биде организирана крводарителска акција посветена на големиот хуманист Тоше Проески во знак на одбележување на неговиот роденден.
Организатори на акцијата се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Центар, Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот.
Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Центар.
Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин, нагласуваат организаторите.
Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески почна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. Досега на овие 14 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4.500 крводарители.