Четири лица биле полесно повредени во две од вкупно пет сообраќајки случени во текот на изминатиот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во три била причинета материјална штета.
Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Триесет и четири возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, еден возач поминал на крстосница на црвено светло, 14 возачи за неправилно престројување, тројца возачи за неправилно престигнување, еден возач не дал првенство на минување на возила во зона на крстосница и осум возачи за не користење на заштитен шлем. Санкционирани биле и пет пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин. Затекнати биле 121 непрописно паркирано возило.
Од сообраќај биле исклучени шест возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 24 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило, како и три технички неисправни возила, 19 нерегистрирани возила и едно возило за претовар.
Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 82 возила.
Одделението за превенција при СВР Скопје денеска во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе реализира едукативна работилница со учениците од четврто одделение во ООУ „Јан Амос Коменски“, кое се наоѓа во општина Карпош.