ЈП Водовод и канализација – Скопје како јавно, општествено одговорно претпријатие континуирано работи во интерес на своите корисници, граѓаните на град Скопје, но и во интерес на општото добро за заедницата.
– Во изминатиот период се покренаа многу иницијативи, се реализираа многу проекти, се создадоа нови поглавја кои се дел од нашата успешна приказна. Овој декември, месецот на дарувањето и празничната магија го започнуваме со поинакви желби и поддршката ја даваме, таму каде што е најмногу потребна. Имено, со достава на сметките за ноември, печатени и електронски, сите корисници добиваат и информативен додаток со реализираните активности на ЈП Водовод и канализација – Скопје и повик од СОС Детско село за создавање новогодишна магија и остварување на едни поинакви желби – се вели во соопштението на „Водовод“.
Генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, Душко Весковски, упати апел за донирање во рамки на акцијата.
– Секој ден може да е посебен, кога со добрина и љубов ги поддржуваме нашите блиски и тоа го пренесуваме и на тие на кои им е навистина потребно и им недостасува. Ве повикуваме да бидете и Вие дел од нашата заедничка приказна и да помогнете желбите за топол дом и среќно детство на над 260 деца и младинци поддржани од Детско село да станат реалност. Донирајте сега! – посочи Весковски.
Националниот директор на СОС Детско село Јулијана Накова Гапо се надева дека примерот на општествена одговорност на „Водовод“ ќе го следат и други компании.
– Навистина сме среќни што соработката со ЈП Водовод и канализација Скопје продолжува и во месец декември. Се надеваме дека овој убав пример на општествена одговорност ќе го следат и другите компании бидејќи ваквата континуирана поддршка ни е неопходна и значајна за нашата работа” – изјави Накова Гапо.