(ВРЗ ОСНОВА НА АКЦИСКИОТ ПЛАН НА СТРАТЕГИСКАТА ПЛАТФОРМА НА ЛЕР)

Европската агенда на Општина Аеродром поставена преку Стратегиската платформа за ЛЕР 2021-2025 година под работен наслов „Општина Аеродром – прва општина со европско знаменце“ доби своја круна. Тоа е одобрениот проект „Clean AirDrom“ во форма на грант од Европската Унија, кој од финансиски и тематски аспект е најголем и е прворангиран на Јавниот повик за општински проекти на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Што опфаќа самиот проект „Clean AirDrom“?

 Овој проект е иницијален сегмент на сеопфатниот процес на врвно управување со животната средина и екологијата што го применува општината, настојувајќи да постави највисоки европски стандарди и да инкорпорира најуспешни европски практики. Самиот проект директно влијае врз свеста и екокултурата на жителите на општината на тој начин што секое домаќинство во Општина Аеродром ќе добие соодветна канта за отпадоци со три прегради (сина, жолта и зелена) за директна селекција на хартија, пластика и стакло. Токму затоа и работниот наслов на проектот е „Селекција на отпад од куќен праг“.

Собраниот селектиран отпад домаќинствата ќе можат да го фрлаат во 20 соодветни „вендинг-машини“, кои ќе бидат поставени за опслужување на неколку згради и притоа ќе можат да собираат поени, односно финансиски средства како вид рефундација и мотивација за вклученоста во процесот на селекција. Понатаму акумулацијата на насобраниот селектиран отпад и неговата комерцијализација, односно повторно пуштање во употреба или практикување на процесот на „циркуларна економија“ на локално ниво во форма на засебен проект ќе го раководи Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром.

Имплементацијата на проектот ја поставува Општина Аеродром на пиедесталотж“ во практикување на општинските услуги во целост усогласени со Поглавје 27 – Животна средина од Преговарачката рамка со ЕУ. Политиката за животна средина на ЕУ има цел да промовира одржлив развој и да ја заштити животната средина за сегашните и идните генерации. Таа се темели на превентивно дејствување врз принципот „загадувачот плаќа”, на борбата против изворите на штета во животната средина, на заедничката одговорност и интеграција на заштитата на животната средина во другите политики на ЕУ. Поглавјето 27 содржи над 200 правни акти што опфаќаат хоризонтална легислатива, квалитет на вода и воздух, управување со отпад, заштита на природата, контрола на индустриско загадување и управување со ризик, хемикалии и генетски модифицирани организми (ГМО), бучава и шумарство. Усогласеноста со законодавството за животната средина бара значителни инвестиции. Професионалната и добро подготвена администрација на национално и локално ниво е предуслов за правилна примена и соодветно спроведување на законодавството за животната средина. Станува збор за апсолутно тежок и долготраен процес, кој опфаќа континуирано имплементирање на најквалитетни проекти од регионот и пошироко, со кои се наметнуваат нови вредности во социоопштественото живеење и кои се надеваме ќе бидат општоприфатени од страна на жителите на општината. Затоа, директно ја поттикнавме бизнис-заедницата, односно врз основа на јавен повик на Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром да иницира иновативни дејности од локално економско значење.

Пример е предлогот на Друштвото за производство на органски ѓубрива и супстрати „Мама органа БИО“ Скопје, каде што Јавното претпријатие и Советот на Општина Аеродром донесоа одлука да поддржат проект за имплементација од областа на екологијата, односно управување со животната средина. Тоа подразбира прием, складирање и преработка на биоразградлив отпад што се создава на територија на Општина Аеродром и повторно враќање во природата како циркуларна инвестиција. Со самата селекција на отпад предвидена во проектот „Clean AirDrom“, компостирање на органската компонента и негово натамошното соодветно одлагање, односно негово натамошно вклучување во процесот на реупотреба, се надоврзуваме на сите претходно наведени сегменти и се надеваме дека тоа ќе даде целосен дополнителен импакт во севкупната реализација на екоактивизмот итн. „циркуларна економија“ на кој посветено работи општинската администрација на чело со градоначалникот Златко Марин. Во овој контекст сакаме да нагласиме дека ваквото целокупно дејствување претставува основа на реализација на Поглавјето 20 – Претпријатија и индустриска сопственост од Преговарачката рамка со ЕУ на локално ниво. Поглавјето 20 има цел да промовира индустриски стратегии за зајакнување на конкурентноста и иновациите преку забрзување на приспособувањето кон структурните промени и поттикнување на поволно деловно опкружување во цела ЕУ. Намената на јавните политики од ова поглавје е поттикнување на зголемени домашни и странски инвестиции и подобрување на целокупното деловно опкружување во кое работат малите и средните претпријатија (МСП).

„Clean AirDrom“ претставува само иницијален сегмент

Станува збор за сегмент од една многу поголема еколошка слика на која Општина Аеродром работи подолг временски период, иако својата видливост најмногу ја добива токму оваа година. Имено, во општината во изминатите 4 години се засадени над 20.000 садници, кои директно влијаат врз намалување на загадувањето и придонесуваат за адаптација на климатските промени, кои претставуваат глобална тема број 1 во светот. Набавена е најсовремена механизација за одржување на хигиената, воспоставен е најсовремен модел на транспарентност и контрола врз работата на ангажираните лица за одржување на хигиената во општината. Активиран е специјализиран интерактивен портал higi-aerodrom.mk на кој жителите го контролираат степенот на хигиена на јавните површини во општината. Воедно, во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ се позиционираа 11 „црвени точки“ или локации каде што најчесто се создаваат диви депонии со кабаст отпад и Општина Аеродром почна со креирање специјализирани станици за кабаст отпад, по европски терк, без никакви финансиски трошоци, односно користејќи „Reuse“ материјали. Општина Аеродром овозможи и два проекта што индиректно влијаат врз животната средина и се дел од Поглавјето 15 – Енергетика од Преговарачката рамка со ЕУ. Станува збор за општинскиот проект „Replace“ во рамките на Програмата за енергетска ефикасност на станбени згради и индивидуални места за домување. Жителите на Општина Аеродром најтранспарентно, преку јавен конкурс, беа мотивирани со субвенции од општината да ги заменат своите фасади, надворешни прозорци и врати, кровна површина, елеватор или да воведат најсовремен смарт-систем на користење на заедничката потрошувачка на електрична енергија. Воедно, во овој сегмент на енергетиката најавтентично се надоврзува и вториот проект поттикнат од бизнис-заедницата на јавниот повик на Јавното претпријатие за управување со развојни проекти за иницирање иновативни дејности од локално економско значење. Тој се однесува на максимално воведување и најсовремено користење на мултифункционални фотоволтаични плочи за двојно искористување на обновливите извори на енергија, поточно од сончевата да се добива електрична и топлотна енергија без никакви загуби. Имплементацијата на понудената лепеза на конкретни можни проектни решенија од овој тип е во тек и ќе се интензивира.

Какви се долгорочните очекувања од имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“?

 Самиот проект предвидува директно вклучување на невладиниот сектор во најранливиот сегмент, кој повеќе години е голем проблем на Општина Аеродром – одржување на јавната хигиена. Затоа, планирано е активирање на специјализираното екоздружение „Гоу грин“, како едно од 15-те стратегиски партнери на Општина Аеродром, кое истовремено е и соработник во големиот европски проект „Clean AirDrom“. Би сакале да обезбедиме нивна трајна вклученост во работата на комуналните служби на општината. Имено, оваа организација низ концептот на социјално претприемаштво, соодветно „know-how“ за одржување на хигиената и вклученост на ранливите категории граѓани, ќе овозможи Општина Аеродром најконкретно да ги санира воочените пропусти и неадекватности во системот на работа на комуналните служби за кои имаше укажувања од јавноста.

Начинот на кој се работат сите проекти во континуитет и успешната имплементација на проектот „Clean AirDrom“, несомнено целосно ќе и ја отвори вратата на Општина Аеродром да стане прва општина од нашата држава ‒ член на престижното европското движење „Zero Waste Europe“, што како цел ја поставивме во Стратегијата за локален економски развој на општината. Сето ова не претставува само привилегија, туку и обврска да се биде претставник и лидер во регионот. Тоа значи да се остварува континуирана соработка со низа општини во земјата, пред сè, во регионот и пошироко, при што ќе се разменуваат искуства, знаење, проекти, имплементација на вредности и стандарди, пред сè, од ЕУ и пошироко. Сето тоа со сигурност ѝ овозможува административна подготвеност на Општина Аеродром во преговарачкиот процес со ЕУ. Поточно, станува збор за кооптирање, односно можност директно да се практикува Поглавјето 22 – Регионална политика и координација на структурни инструменти.

Законодавството од Поглавјето 22 главно се состои од рамковни и регулативи за спроведување, за кои не се очекува транспонирање во националното законодавство. Тие ги дефинираат правилата за изготвување, одобрување и спроведување на структурните фондови и програми на фондот за кохезија, кои ја рефлектираат територијалната организација на секоја држава. Овие програми се преговараат и договараат со Комисијата, но спроведувањето е одговорност на државите членки, кои мора да го почитуваат законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, конкуренцијата, животната средина и при избор и спроведување на проектите. Државите членки мора да имаат воспоставена институционална рамка и соодветен административен капацитет што обезбедува програмирање, спроведување, мониторинг и евалуација, на ефективен и економичен начин, од гледна точка на управување и финансиска контрола.

 

Тргнувајќи од ваквата определба, Општина Аеродром веќе воспостави две директни збратимувања со градските општини Палулула од Ниш, Република Србија и Стари Град од Сараево, Федерација Босна и Херцеговина за размена на конкретни европски проекти и други програми поддржани од разни фондови. Покрај ваквите директни „братски“ соработки во сите области на работење и дејствување, во наредните два месеца и официјално ќе се реализираат уште 3 конкретни меѓународни кооперативни дејства. Една активност е во рамките на Вишеградската група со европската претстолнина на руралната култура, односно Општина Кробија во Република Полска, преку која Општина Аеродром ќе конкурира на низа проекти на оваа значајна фондациска група во рамките на ЕУ. Потоа, по покана на Министерството за локална самоуправа на Република Турција, Општина Аеродром ќе биде директен учесник на меѓународниот форум на локални самоуправи на Турција и регионот „Youth Friendly Cities Congress and Exhibition“ во Анкара, каде што ќе се запознае со практичното значење на односот на општините кон младинските структури, политики и стратегии во рамките на локалната самоуправа. Се очекува и потпишување меморандум за соработка со градската општина Бешикташ од Истанбул. Третата најавена активност ќе биде од огромно значење за Општина Аеродром и за нашата држава, бидејќи станува збор за паневропска глобална соработка. По иницијатива на стопанските комори на Република Северна Македонија и Република Кина, за првпат ќе се овозможи збратимување на две општини од овие две држави. Од сите пријавени општини за ваквата можност од страна на ЗЕЛС, Министерството за надворешни работи не извести дека токму Општина Аеродром е избрана за воспоставување на ваквата соработка. На 1 септември 2021, во рамките на Третиот меѓународен корпорациски самит за соработка на малите и средните претпријатија и локалните самоуправи во организација на Министерството за економија на Република Кина и Општината Канџоу, официјално ќе биде промовирана меѓународната соработка и збратимување на Општина Аеродром – Скопје и Општина Канџоу. Се надеваме дека меѓународното искуство, знаење и глобалните проектни активности коишто ќе ги стекнеме и примениме на овој дводневен самит ќе бидат од непроценливо значење за Општина Аеродром, како и самата тековна комуникациска размена со една од најразвијните општини во Кина, која има над 7 милиони жители.

Стратегијата за рурален развој на Долно Лисиче 2021-2025

Пред неколку месеци беше промовирана Стратегијата за рурален развој на Долно Лисиче 2021-2025 година, како специфичен сегмент на Стратегијата за ЛЕР на Општина Аеродром. Сама по себе претставува можност за имплементирање проекти за развој на земјоделството, пред сè, за промоција на руралниот туризам. Долно Лисиче, како составен рурален дел на Општина Аеродром до пред некоја година бил неоправдано запоставен, иако претставува неизбежен развоен сегмент на општината. Во претстојниот развоен период, нешто што веќе и официјално јавно го деклариравме со промоција на првата Подрачна единица за земјоделство и рурален развој во Долно Лисиче, под ресорна координација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интензивно ќе се работи во кооптирање и реализација на проекти опфатени со Поглавјето 11 – Земјоделство и рурален развој.

Поглавјето 11 опфаќа голем број обврзувачки правила, кои во најголем дел се директно применливи. Примената на овие правила и нивното ефективно спроведување и контрола од страна на ефикасна јавна администрација се неопходни за функционирање на заедничката земјоделска политика (ЗЗП). Водењето на ЗЗП бара воспоставување системи за управување и квалитет, кој се состои од капацитет за спроведување мерки за рурален развој. Државите членки мора да поседуваат капацитети за примена на законодавството на ЕУ преку шеми за директна поддршка на фармите и спроведување на заедничка организација на пазарите за разни земјоделски производи. Покрај во другите области на локалниот економски развој предвиден за Општина Аеродром, пред сè, екологијата и животната средина, енергетската ефикасност, урбаниот и модерен начин на живеење кој налага најсовремени инвестиции во културата, образованието, спортот, детскиот и младинскиот стандард, конечно е основана и првата ресорна подрачна единица на Општина Аеродром и тоа токму во функција на Поглавјето 11. Според тоа, во рамките на меѓународната размена на искуства, знаења, вредности, стандарди и проекти имаме почнато со разработки на повеќе проекти од областа од сите сфери на урбаното и руралното живеење во општината. Како конкретни проекти во овој домен би ги наброиле: првата МЕГА-зона за рурален развој – Лисиче, оформување зона за развојни и иновативни активности надвор од градежен реон, поддршка на локални акциони групи (ЛАГ) согласно со Законот за земјоделство и рурален развој за аплицирање на разни конкретни ИПАРД-проекти од локално економско значење за Општина Аеродром, како и такви што имаат потенцијал за рурален туризам и слично.

Но во подготовка е и една навистина уникатната идеја, која претставува основа на меѓународната размена на искуства, знаења, вредности, стандарди и проекти, пред сè, во реонот и пошироко. Станува збор за иницијален проект за „работно-едукативна размена на соодветни административни службеници“, кој на почеток би се одвивал меѓу збратимените градски општини Аеродром – Скопје, Палилула – Ниш и Стари Град – Сараево. Овој проект произлезе преку директните комуникации меѓу самите вработени во секторите за локален економски развој на овие братски општини и доби целосна поддршка од раководствата на овие општини. Така што се надеваме дека наскоро тоа и практично ќе се реализира, бидејќи претставува директна имплементација и мотивација на бизнис-секторот за примена на Поглавјето 2 – Слободно движење на работници од Преговарачката рамка со ЕУ.