Со полагање цвеќе на Еврејските гробишта во Бутел беше одбележана 77-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.
Годинава програмата беше скратена и прилагодена согласно препораките на Владата за неодржување на масовни собири. Откажана е комеморативната вечер во Музејот на холокаустот како и посетите на градоначалниците на Скопје, Битола и на Штип. А исто така, празникот Пурим нема да се одржи во заедницата со заеднички собир.
На полагањето цвеќе во Монополот, каде што беа собрани Евреите од Македонија во 1943 година, присуствуваше делегација од официјални претставници од еврејската заедница и Фондот на холокаустот.
Посетата и полагањето цвеќе на Еврејските гробишта во Бутел, како и пред спомениците на холокаустот во Битола и во Штип се отворени само за членовите на заедницата.
На гробиштата во Бутел кадиш-молитвата за починатите, ја кажа Васил Доганџиски, а на присутните кратко им се обрати и претседателката на еврејската заедница Берта Романо Николиќ и на достоинствен начин им се оддаде почит на 7.144-те македонски Евреи кои беа однесени во концентрациониот логор Треблинка во 1943 година, откаде што ниту еден од нив не се врати.