Во текот на целата учебна година, во сите десет основни училишта во општината Карпош, ќе има посебно овластени лица што секое утро додека трае сообраќајниот метеж ќе ги пречекуваат учениците и ќе се грижат за нивниот безбеден пристап до училиштето. Станува збор за овластени лица од административно-техничкиот персонал на училиштата. Како што најавуваат од општината Карпош, дополнително ќе започне поставување нови „лежечки полицајци“ пред училиштата: „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“, „Димо Хаџи Димов“ и „Братство“.
– Непосредно пред почетокот на новата учебна година општината Карпош интензивно се подготвува да се обезбедат подобри услови за учениците, за следење на наставата и за нивен безбеден пристап до училиштата – информираат надлежните.