Годинава речиси сите општини во метрополата можат да се пофалат со изградени игралишта. Општинските власти се посветија не само на градење туку и на обновување на веќе постојните детски игралишта, а со тоа ги направија функционални и пред сѐ безбедни за најмладите
Општините сo сѐ понагласeна грижа за најмладите жители
Изградбата на детските игралишта е една од приоритетните обврски на општините, а тоа особено ги радува најмладите жители, кои летниот период го минуваат играјќи и забавувајќи се токму таму. Годинава речиси сите општини во метрополата можат да се пофалат со изградени игралишта. Општинските власти се посветија не само на градење туку и на обновување на веќе постојните детски игралишта, а со тоа ги направија функционални и пред сѐ безбедни за најмладите.
Активности на терен има насекаде, а Општина Карпош изминатиот период сериозно се зафати со изградба на детски игралишта. Општина Чаир исто така интензивно работи на реконструкција и обновување на постојните игралишта на својата територија. Локалните власти од Гази Баба во периодот што следува ќе градат детски игралишта, а Општина Центар, пак, продолжува со активностите за реконструкција и уредување на постојните. Во оваа општина последно беше уредено она во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“. Евидентно е дека скопските општини сѐ повеќе прават напори да градат модерни детски игралишта со многу реквизити и заштитни подлоги, кои се многу побезбедни за децата. Вакви подлоги се поставуваат и на веќе постојните игралишта на кои имаше песок или павер-елементи.
Во Карпош сите урбани заедници и маалски катчиња имаат игралишта
Надлежните од скопската општина Карпош не го кријат своето задоволство што на нивната територија годинава се изградени пет нови детски игралишта. Во населените места Карпош 1, Карпош 2 и Злокуќани беа направени нови детски игралишта, дечињата што живеат на Партизанска исто така добија место за забава и игра, а едно детско катче беше изградено и во основното општинско училиште „Лазо Трповски“.
– Во општината Карпош има изградено најголем број вакви детски игралишта по жител во целата држава, или вкупно 58. Во наредниот период заложба на локалната самоуправа ќе биде да ги одржува и да ги надградува со нови содржини, но и да ја гумира нивната подлога. Нови игралишта не се планираат, бидејќи сите урбани заедници и маалски катчиња се опфатени со овие детски игралишта. Изградбата на игралиштата за деца е доста скапа, а општината ја финансира од сопствениот буџет – велат надлежните од Карпош.
Чаир ги обновува реквизитите на игралиштата во населбите
Надлежните од Општина Чаир периодов се посветија на обновување на детските игралишта на својата територија и веќе ги обновија реквизитите во неколку населби. Дечињата од Топанско Поле, оние што живеат на улиците Џон Кенеди и Пере Тошев, сега имаат нови и безбедни детски игралишта. Обновени се и игралиштата во населбите Стар Чаир, Карадак Маало, Серава и Гази Баба, каде што сега има поставено нов кош за играње кошарка и ново осветлување. Монтирани се и нови фитнес-алатки за различни физички активности.
– Нека биде интересен и забавен социјалниот живот на нашите деца во Чаир, а нивните денови треба да бидат исполнети со забава, за да имаат што поубаво детство. На детските катчиња се поставуваат нови реквизити за нивната рекреација да стане значаен дел од квалитетниот живот, со социјален и интегративен стандард во нашиот Чаир. Секоја населба за нас има исто значење и децата од секоја населба во Чаир заслужуваат детски реквизити за забава. Децата се нашите најмили, затоа за нас е важно како се чувствуваат и живеат тие во секоја населба, улица и место во Чаир. Тие се нашата иднина, додека ние имаме одговорност сега да го направиме најдоброто за нив – велат надлежните од Општина Чаир.
Гази Баба за годинава планира изградба на пет детски игралишта
Од локалната самоуправа на Општина Гази Баба велат дека оваа година, како и секоја претходна, општината во годишниот буџет предвидува средства за изградба на нови и за реконструкција на веќе постојни детски и спортски игралишта. Надлежните појаснуваат дека од 2018 година почнале со изградба на нови детски игралишта, кои се на гумирана подлога наместо на песок, со нови реквизити приспособени за различна возраст на деца. Во оваа скопска општина досега се изградени девет нови детски игралишта, а во 2020 година е предвидено да се изградат уште пет нови.
– Секоја година општината издвојува средства за реконструкција на постојните детски и спортски игралишта. Приближно годишно се реконструираат десет спортски и детски игралишта, каде што се заменуваат реквизитите, рефлекторското осветлување или оградата околу игралиштето.
Досега, за овие две и пол години, се реконструирани 22 детски игралишта и 15 спортски игралишта, изградена е бијатлон-патека кај стрелиштето во Камник. На три спортски терени е планирано поставување вештачка трева. Општина Гази Баба, за разлика од други урбани општини во градот, за жал, сѐ уште се соочува со нерешени инфраструктурни прашања во населените места, како водовод или канализациска мрежа – проекти што општината веќе ги започна со реализација и чинат многу средства годишно. Сепак, и покај сѐ, наоѓаме начини за изградба на урбани детски катчиња, нешто од својот буџет, нешто преку донации од компании – информираа од Гази Баба.
Оттаму појаснуваат дека цената за изградба на ново детско игралиште зависи од неколку аспекти, најпрво од површината, па од подлогата или реквизитите што се поставуваат.