Фото: Игор Бансколиев

Ако досега ветрот ни помагаше во расчистувањето на загадениот воздух, тогаш логично е дека истиот процес би се случил и кога би создале вештачки ветер. Решение за тоа би можеле да бидат големи фенови или вентилатори. Тие секогаш би се активирале во деновите на екстремно загадување, а би давале брз ефект. За оваа идеја зборуваат активистите од невладината „Гоу грин“, а сега, во услови кога се бориме за чист воздух, повторно им се чини како едно од најбрзите решенија за справувањето со загадениот воздух. Само така ефектно и брзо би се спасиле од преголемото количество на штетните ПМ-честички што постојано го разоруваат нашето здравје. Бидејќи загадувањето на воздухот не нѐ мачи само во зима туку и налето, активисти од невладините организации сметаат дека за тоа придонесува и работата на малите и средните претпријатија, почнувајќи од Момин Поток до Визбегово и пошироко, но и работата на пекарниците и кафеаните. Сите тие мора да го сменат енергентот на кој работат, но мора да има и казни за недисциплинираните. Претпочитаат зелена економија и да не се загадува. Од „Екосвест“, пак, имаат забелешки дека изминатиов период на екстремно загадување на воздухот, многу градежни фирми работеле и не се придржувале на препораката за прекин на активностите.

Идејата за расчистувањето на воздухот со големи фенови или вентилатори од „Гоу грин“ ја разгледувале докрај, па велат дека овие вентилатори или фенови никако не би смеело да функционираат на електрична енергија, зошто така само повеќе би се активирала работата на РЕК „Битола“, што е сосема непожелно. Тие мислат дека е едноставно струјата за вентилаторите или за феновите да се обезбеди од соларни панели.

Но вентилаторите за вештачкото растерување на штетните честички во воздухот не се доволни, бидејќи, како што велат од некои невладини организации што се занимаваат со загадениот воздух, на ова поле треба да се работи сериозно и посветено. Поединци, пак, акцентираат дека загадениот воздух не треба да биде работа на граѓанските и невладините организации, туку дека тоа е работа на извршната власт. Загадувањето, додаваат тие, нѐ засега сите, бидејќи сите дишеме воздух, а никој не би сакал да го загуби своето здравје.

Антонио Јовановски, извршен директор на невладината организација „Гоу грин“ или „Биди зелен“, вели дека за решавањето на загадувањето на воздухот секој од нас има улога. Тој додава дека оваа организација на планот за чист воздух дејствува уште од 2011 година, откога и започна со протести и на граѓаните им делеше маски за заштита од загадувањето. Јовановски вели дека оцена на „Гоу грин“ е дека институциите, соочени со решавање на многуте политички проблеми во државата, малку се активирале и од ноември минатата година веќе почнуваат да дејствуваат во насока на решавање на проблемите со воздухот.

– Добро е што барем се донесе планот за чист воздух, иако не се доволни два милиони евра, ако се земе предвид дека од еколошка такса се слеваат 15 милиони евра. Ние баравме да се обезбеди фонд за животна средина. Премалку се тие два милиона, бидејќи 92 отсто од овие пари ќе одат во замена на греењето во домаќинствата, за да им се помогне на сиромашните да ги заменат енергентите на кои се грееле досега, дрва, јаглен или што и да е. Ние поднесовме иницијатива да им се помогне на малите и средните претпријатија, кои често се големи загадувачи. Па, видете, налето, кога домаќинствата не загреваат, од Момин Поток преку Карпош воздухот е загаден, тука е загадувањето од пекарниците и од кафеаните. И за нив бараме замена на енергетските системи. Мора да се оди кон зелена економија, да не се загадува, туку ако може и да се прочистува воздухот. Еве, добар е овој проект на градот и Шумарскиот факултет за ослободување на дрвјата од бетонот. Но тука мора да направиме доста и ние граѓаните да се откажеме од некои удопства, како на пример од автомобилите – вели Јовановски.

Од оваа невладина организација велат дека справувањето со загадувањето на воздухот е долг процес, на кој постојано треба да се работи. Но она што веднаш може да се направи за негово расчистување од штетните честички е да се користат големи фенови, наместо да се чекаат метеоролошки услови да го расчистат загадувањето.
– Добро е што се направи планот за чист воздух, но не треба да се занемарува малата индустрија. Освен што треба да ѝ се даде поддршка, мора и да се применуваат санкции за оние што не се придржуваат до правилата. Програмата за реализирање на планот за чист воздух за 2019 година има четири компоненти. Првата се мерки за директно справување со причините за загадување. Втората е градење на јавната свест, од предучилишна до пензионерска возраст. Потоа, третата е регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија. Последната е имплементација на платформа за координација и следење на реализацијата на програмата. Сето ова треба да се спроведува доследно.

Лилјана Поповска, поранешна претседателка на ДОМ и актуелна пратеничка, вели дека треба вложување поголеми пари и одвојување средства за екологијата. Колку се вложува толку се покажува колку е значаен или голем проблемот. Според неа, проблемот со загадувањето на воздухот е преголем во однос на ресурсите што се наменети за негово справување. Домаќинствата се пренагласени како загадувачи, но никој не напомнува дека индустријата претставува голем загадувач.

– Проблемот што го имаме со загадувањето не бара вселенско решение. Имаме закони и мерки, само треба да почнат да се спроведуваат. Извршната власт треба да си ја работи работата. Сегашниот инспекторат и другите надлежни не мрдаат со прст. Тие треба да излезат на терен и да си ја работат работата. Не е некоја посебна филозофија, треба само да се спроведуваат мерките и законите и да се казнува доколку не се почитуваат. Треба да се утврди што се согорува. Доколку малите и средните претпријатија од индустријата користат недозволени загадувачки горива за загревање, треба да се казнат и да се натераат да користат гориво што не загадува. Најголемите загадувачи се лоцираат во транспортот, индустријата, урбанизмот, отпадот и домаќинствата. Во транспортот треба да се намалат автомобилите што загадуваат најмногу. Прекумерното градење и населување на Скопје му оневозможува да се користат какви било мерки за да се реши проблемот со загадувањето. Кај нас отпадот не се контролира. Освен „Дрисла“, која е полуфункционална, ние немаме друга депонија што би се справувала со отпадот – вели Лилјана Поповска, пратеничка во Собранието и членка на ДОМ. С.Р.


„Екосвест“ е против градење кинески ѕидови

Невладината „Екосвест“ е на мислење дека во Скопје не треба да се градат кинески ѕидови, кои го спречуваат природното проветрување на градот.
– При градењето се генерира голема прашина, а ние имаме градење на многу точки во градот. Прашината што се крева се тие штетни честички и затоа градежната прашина не е за занемарување. Претходно не можеше да се гради по есен. На бетонот му е потребно време за да се исуши. Сега, со новите адитиви, може да се гради преку цела година, а тоа претставува проблем, особено во зимскиот период. На пример, Црна Гора го заштитува туризмот така што во летните месеци никој ништо не смее да гради. Проблемот е во посериозно применување на мерките. Градот Скопје има навистина голем проблем со урбанизмот поради рапидното градење станбени објекти. На клучни места се креваат висококатници. Така, на пример, кај Јужен булевар има кинески ѕид, кај стадион има кинески ѕид и на други клучни места има само кинески ѕидови. Од таа причина во градот нема циркулација од воздух – велат од здружението „Екосвест“.