Надлежните, но и граѓаните треба да работат за да се зголеми хигиената во градот
Во Македонија скоро и да стана практика некој од страна да дојде и да го исчисти нашето ѓубре. Странски амбасадори, странски студенти, разни активисти или еколошки организации, на своја рака преземаат акции за чистење, бидејќи не можат да го гледаат отпадот со кој секојдневно е затрупан главниот град.
Токму овие работи се доволен показател дека хигиената во главниот град не е на завидно ниво. Немањето доволно канти за отпадоци, контејнери, но и граѓанската несовесност се главните причини за ваквата состојба. Кампањите за поголема хигиена очигледно не даваат плод, а надлежните се жалат дека немаат доволно комунални инспектори што би ги казнувале несовесните граѓани.
Во изминатиов период, во екот на кампањата „Денови на пролетта – денови на екологијата“, се спроведуваат разни активности за собирање кабаст отпад и ѓубре, но градот повторно не изгледа доволно чисто, се жалат граѓаните.
– Секој ден во раните утрински часови го шетам миленикот низ околните паркови и често забележувам расфрлано ѓубре. Исто така, забележувам дека покрај патеките низ парковите нема доволно канти за отпадоци, а и тие што ги има се или ’рѓосани или уништени, често без дно. Пред некој ден сакав да фрлам смет и кога го фрлив, забележав дека тој падна на земјата бидејќи кантата беше без дно, па морав да го соберам и да го однесам дома – вели Душко Крстевски од населбата Козле.
Според него, потребно е да се развие еколошката свест кај луѓето, но истовремено, надлежните да овозможат и услови за зачувување на хигиената во главниот град.
Оперативната програма за работа на ЈП „Комунална хигиена“ предвидува отпадот да се собира шест пати во неделата, а тие, како што велат, тоа го прават седум пати неделно, во три смени.
– Во согласност со годишната програма и оперативниот план, чистењето на јавните површини треба да се врши шест пати во неделата во три смени во текот на денот, но ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје овие активности ги извршува седум пати во неделата. Станува збор за оние површини што се во надлежност на нашето претпријатие, како централното градско подрачје, плоштадот, малиот и големиот ринг и Старата чаршија – велат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Според извештајот од 2018 година зa paбoтењето на „Комунална хигиена“ Скопје, во периодот од јануари до јуни биле собрани и транспортирани 74.301 тон комунален отпад или просечно 411 тони дневно. Покрај тоа, биле направени 14.649 тури, односно во просек 81 тура дневно.
Во однос на 2017 година, количеството на собран и транспортиран отпад во 2018 година е поголемо за 1.887 тони, односно за 2,61 отсто, како и бројот на турите, кој е погoлем за 340 тури – 2,38 отсто.
Бројот на комуналци со кој располагала претпријатието, на почетокот на 2018 година, изнесува 1.092 работници.
Исто така, по потреба се вработуваат и работници ангажирани преку Агенцијата за привремено вработување. Просечниот број вработени за период во 2018 година изнесува 280 работници, во однос на истиот период во 2017 година, кога имало 207 работници.
Само изминатата година се собрани и транспортирани вкупно 140.809 тони комунален отпад. Собраниот и транспортиран отпад во однос на 2017 година е зголемен за 2.612 тони или 1,74 отсто.
Од „Комунална хигиена“ велат дека се поставуваат нови садови за примарна селекција, а следен чекор ќе биде вршење едукација за третман на отпадот во реонот на Матка.
И покрај големиот број спроведени активности за собирање отпад и ѓубре, хигиената во градот останува голем проблем. Од една страна треба да се чисти повеќе, да има повеќе канти за отпадоци, но од друга страна и граѓаните треба да се поодговорни, бидејќи за почисто Скопје, треба да се грижат сите.