Инспекторатот на Град Скопје досега два пати има интервенирано во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Денеска повторно е пратен инспекторот како последна опомена до болницата и до Министерството за здравство за да го променат котелот. Доколку не постапат на тој начин, болницата ќе биде затворена од страна на Градот. На болницаата и е даден рок од 30 дена.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање за снимките кои деновиве се појавија во јавноста, каде се гледа како чад излегува од оџакот на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
– Не сакаме да предизвикаме некаква криза, но мора конечно секој да си одговори на сопствените обврски. Ако тој котел загадува, а загадува, бидејќи двапати веќе е констатирано, имаме дадено известувања до директорот на болницата. По денешната инспекција, откако ќе ги добиеме резултатите, ќе го упати дописот и до министерот за здравство. Очекувам дека интервентно ќе реагираат затоа што во тој круг се раѓаат бебиња, рече Шилегов.