Малкумина од скопските газди сакаат да издвојат дел од парите што ги заработуваат, за да го облагородат јавниот простор пред своите дуќани, кафеани или ресторани. Не штедат на она што е нивна површина, но за околината малкумина од нив покажуваат грижа да направат нешто убаво, нешто што ќе ги привлече погледите на минувачите. Еден од ретките е веројатно и овој сопственик на кафуле, кој веројатно е и голем љубител на цвеќето. Тоа не може да се одрече, ако веќе се сетил и му нашол начин како да го презентира на еден јавен простор и непосредно пред својот локал. Не му требало повеќе од идеја и еден стар велосипед, кој веројатно повеќе не бил во функција, но освежен со нова боја и цветни аранжмани ги привлекува погледите на минувачите. Не може а да не се признае, го краси тротоарот на овој дел од улицата Партизански одреди.