Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за степенот на здравствена заштита на жителите во 30-те здравствени центри во земјава. Истражувањето покажа дека највисоки можности за здравствена заштита имаат жителите на главниот град Скопје, додека најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево.
– Има огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те градови во земјава. Подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Но, меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка – се наведува во нивното истражување.
Истражувањето, кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на жителите на овие региони како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и општата и стапката на смртност на доенчиња.