Фото: МИА

Сказната „Самовили“ од  родоначалникот на современата европска сказна Шарл Перо првпат беше презентирана и во превод на македонски јазик среде Париз. Сказната ја прочита Аспасија Андоновски, дипломирана студентка на Катедрата по македонистика на ИНАЛКО.

Се работи за настанот „Гласовите на сказната“ во Париз, во рамки на француски проект посветен на сказните на Шарл Перо, што се спроведува од страна на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) по повод 30 Септември – Меѓународниот ден на преводот. 

Преводот беше подготвен во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), односно со лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.

Преводот на „Самовили“ го изработија студентите од трета година на Катедрата по македонистика, под менторство на лекторот по македонски јазик во Париз м-р Ѓоко Здравески.

– Имајќи ја предвид комплексноста на книжевниот превод, со ова уште еднаш се покажува и подготвеноста и воопшто квалитетот на новиот македонистички кадар на странските универзитети, во кој МСМЈЛК при УКИМ вложува како преку наставата на лекторатите по македонски јазик, така и во соработката со центрите во кои се изучува македонистиката, како и преку своите традиционални летни, а изминативе две години и зимски школи – информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). 

Оттаму посочуваат дека по вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција, со што на ИНАЛКО е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност, вклучувањето на македонскиот јазик во овој значаен проект посветен на една од најзначајните личности од европската книжевна историја е уште една потврда на статусот којшто македонскиот јазик го има на оваа реномирана европска високообразовна и научна институција. Преку овој проект, на настанот „Гласовите на сказната“, македонскиот јазик беше вклучен меѓу 27 светски јазици.

Во рамки на проектот е вклучено и студиско снимање на преводите, со што и преводот на македонски јазик ќе биде објавен и во дигитален аудиоформат. Следната година, во Париз ќе се одржи и симпозиум посветен на творештвото на Перо.

Наредната 2023 година ќе биде во знакот и на одбележувањето 50 години македонистика на ИНАЛКО во Париз, која ја води проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро. Овој јубилеј, како што се наведува, обврзува за натамошни уште поголеми вложувања во македонистиката во Франција, во рамки на соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ИНАЛКО.