Синдикатот на Државниот испитен центар (СОДИЦ) со пишано соопштение и пораки до матурантите и до министетрот за образование и наука објави дека го става штрајкот во мирување.
– Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување – наведува СОДИЦ во пораката до матураните.
Во пораката до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, подвелекуваат дека сите негови досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дале на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година.
– Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите – му порачува Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири.
Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопираше сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура која треба да почне на 27 мај.