Симеон Кавракиров

Од историските архиви:

ВМРО (обединета) во споредба со михајловистичката ВМРО имала јасни македонски национални позиции. Ова е особено забележливо во натписот на весникот „Македонско дело“ од 1934 година, во кој било истакнато: „Бугарските шовинисти, експлоатирајќи го сродството на македонскиот јазик со бугарскиот, изјавуваат дека Македонците се Бугари и на овој начин настојуваат да го оправдаат завладувањето на Петричко и својата анексионистичка политика спрема цела Македонија… ВМРО (Об) водејќи борба против раздробувањето на македонскиот народ и против сите форми на културно, социјално и економско потисништво, за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, треба да ја разоткрие вистинската смисла на сите умувања што имаат цел да им одречат на Македонците карактер на нација и да го спречи нивното проникнување во нејзините сопствени средини“

На денешен ден, 14 јуни 1934 година, на планината Рила, во месноста Семково, во близината на селото Белица е убиен секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (обединета) во Бугарија, Симеон Кавракиров. Тоа е повод да се каже нешто повеќе за овој македонски револуционер, но и за времето во кое живеел и работел, за да може полесно да се протолкуваат некои актуелни состојби и појави.

По Горноџумајските настани од 1924 година во македонското револуционерно движење доаѓа до целосен расцеп, а Иван Михајлов и неговите приврзаници со поддршка на најреакционерните политички кругови во Бугарија успеале да воспостават контрола врз легалните македонски емигрантски организации во Бугарија. Како реакција на таквата политика на убиства и атентати се формира ВМРО (обединета), која се пројавила како продолжувач на старата револуционерна организација на Гоце Делчев и како македонска национална организација што започнала активности во пиринскиот дел на Македонија.

ВМРО (обединета) била формирана врз основа на принципите на Мајскиот манифест од 1924 година, а во нејзините редови се приклучиле членовите на Илинденската организација, на поранешната Серска група, на поранешниот Емигрантски комунистички сојуз, поранешната Македонска федеративна организација и други групи, односно сите што биле опозициски настроени кон Иван Михајлов и неговите политики. Спомената организација имала Централен комитет со седиште во Виена, а нејзин официјален орган бил весникот „Македонско дело“. ВМРО (обединета) настојувала да прерасне во масовно македонско национално движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поптомов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др.

ВМРО (обединета) во споредба со михајловистичката ВМРО имала јасни македонски национални позиции. Ова е особено забележливо во написот на весникот „Македонско дело“ од 1934 година во кој било истакнато: „Буржоазијата на владејачките нации на трите империјалистички држави помеѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното потисништво, негирајќи ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на македонската нација… Бугарските шовинисти, експлоатирајќи го сродството на македонскиот јазик со бугарскиот, изјавуваат дека Македонците се Бугари и на овој начин настојуваат да го оправдаат завладувањето на Петричко и својата анексионистичка политика спрема цела Македонија… ВМРО (Об) водејќи борба против раздробувањето на македонскиот народ и против сите форми на културно, социјално и економско потисништво, за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, треба да ја разоткрие вистинската смисла на сите умувања што имаат цел да им одречат на Македонците карактер на нација и да го спречи нивното проникнување во нејзините сопствени средини.“

Во 1928 година се создава областен комитет на ВМРО (обединета) на чело со Симеон Кавракиров. Во различно време негови членови се и Борис Михов, Никола Грнев, Александар Мартулков и Христо Калајџиев. Во периодот 1929-1933 биле создадени месни и околиски комитети во пиринскиот дел на Македонија. Групи на организацијата се формирани во Горноџумајската (1929 година), Петричката (1930 година), Неврокопската и Разлошката околија (1931 година). Преку ВМРО (Обединета) се одвива и таканареченото Македонско прогресивно движење, кое се бори против михајловистичката ВМРО. На собраниските избори на 21 јуни 1931 година преку списокот на РП (Работничка партија) за пратеници се избрани Александар Мартулков и Христо Калајџиев.

Оваа македонска организација успеала да ја воспостави својата организациска структура и во сите делови на Македонија и постепено го ширела своето влијание во македонските средини, а сето тоа придонело да се загрозат позициите на Иван Михајлов и неговите приврзаници. Затоа Иван Михајлов започнал да подготвува планови за атентати и убиства и врз членовите на раководството на ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија.

На 8 јуни 1932 година, околу полноќ, во Софија од страна на терористи на Иван Михајлов бил киднапиран секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (обединета) во Бугарија, Симеон Кавракиров. Заложничката драма на Кавракиров траела околу две години, до забраната на македонските организации во 1934 година. Меѓутоа наместо да биде ослободен, војводата на четата што го чувала Симеон Кавракиров наредил тој да биде убиен. Неговото убиство се случило на денешен ден, 14 јуни 1934 година, на планината Рила, во месноста Семково во близината на селото Белица.

За киднапирањето на Симеон Кавракиров интересни информации можеме да дознаеме од стенограмските белешки од дискусиите во Бугарското народно собрание. Конкретно станува збор за прашањата од бугарските народните избраници С. Иванов, А. Мартулков, П. Стоев и Х. Трајков до министерот за внатрешни работи и јавно здравје – во врска со киднапирањето на Симеон Кавракиров, како и дискусиите во бугарскиот парламент на оваа тема.

С. Иванов во бугарското собрание истакнал дека неговата пратеничка група го прашала министерот за внатрешни работи за киднапирањето на Кавракиров, државјанин на Софија, родум од Солун, кој бил киднапиран од непознато лице или група лица и однесен на непознато место. Споменатиот бугарски пратеник исто така истакнал: „Кој е Симеон Кавракиров? Како што ви кажав, Симеон Кавракиров е родум од Солун. Во тоа време неговото семејство и сите членови на ова семејство беа активни дејци, активни функционери во ослободителната борба на македонскиот народ. Речиси целото семејство се посвети на воспитно-образовната работа; неговите браќа и сестри биле учители. Потекнува од богато семејство и ужива големо влијание и авторитет во македонските кругови. Како и сите бегалци, така и Кавракиров, поради тиранскиот режим што постоел во Македонија, бил принуден да емигрира во Бугарија“.

Од говорницата во бугарското собрание, С. Иванов исто така истакнал дека Македонија е поделена на три дела: со еден дел владее Белград, со друг дел владее Атина, а со трет дел владее Софија. Тој побарал од бугарскиот министерот да одговори кој го киднапирал граѓанинот Кавракиров, зошто го киднапирал, каде е сега, како и дали сегашната бугарска влада размислува дека „Македонците се уништуваат, дека ова е племе што ако има можност не треба да му се даде и воздух да дише?“
Во своето понатамошно излагање, Иванов истакнал: „Бугарскиот народ не е туѓ на болките на македонскиот народ. Денес, бугарскиот народ живее и ја поднесува кризата заедно со македонските бегалци, населени покрај мочуриштата Бургас и во различните села на Бугарија; живеат заедно и ги споделуваат тешките маки и се борат рамо до рамо. Македонскиот народ има угнетувачи во ликот на Чапрашиков и другите, кои се удираат во гради за патриотизам, кои постојано зборуваат за Македонија и ги мразат Македонците, а кога ја носат меѓусебната борба и самоуништување, тогаш велат: „Се убиваат, тие сакаат да се уништат сите“. Не, Македонците не се самоуништуваат. Во македонските кругови има елементи што се споиле со бугарската буржоазија, кои ги поддржуваат владите, а тие се оние што со помош на властите ги прават овие ѕверства, киднапирања и овие убиства.“


Кој е Симеон Кавракиров?

Роден е на 16 ноември 1898 година во Солун, во семејството на Христо и Велика Кавракиров. Неговиот татко е деец на Македонската револуционерна организација (МРО), како и неговите постари браќа Пенчо и Јаким. Неговата сестра Елена Кавракирова е учителка во Кукуш и исто така деец на МРО.

Своето образование го започнал во родниот град, а во 1919 година се преселил во Софија, каде што студирал право на Софискиот универзитет. Во 1920 година станал член на БКП и на Емигрантскиот комунистички сојуз. Од 1924 година е во Пловдив, каде што е член на Градскиот комитет на БКП и на окружното раководство на Воената организација на БКП, како началник на Пештерскиот воен округ. По неуспехот во организацијата во мај 1925 година бил уапсен и осуден на година и пол затвор.

Влегува во ВМРО (обединета) и од 1928 година бил политички секретар на реонскиот комитет на организацијата за Бугарија. Од 1929 година го предводел Третиот револуционерен регион (Пиринска Македонија), каде што во 1931 година под псевдонимот Павел организирал групи на ВМРО (обединети).