Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи, потенцира денеска во својот говор претседателката Гордана Силјановска Давкова пред членовите на Генералното собрание на ОН.
Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, проширувањето, според Силјановска Давкова, мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.
– Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој – рече шефицата на државата.
Целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.
– Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат. Мора да научиме да се поддржуваме еден со друг, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balkanicus може да биде Homo Europicus, кога сака – истакна претседателката Силјановска Давкова.
Како што кажа пред Генералното собрание, за нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“.
– Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“ – истакна Силјановска Давкова.
Таа потсети дека нашата земја како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на ОН, и при приемот во ОН во 1993 година се соочи со голема неправда и оти се уште се соочува со тоа. Потсети дека бевме примена под привремената референца, но и со дополнителен услов „да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името“.
– Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Северна Македонија – рече претседателката Силјановска Давкова.
Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, рече претседателката, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународната и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.
– Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на напредок – нагласи претседателката.
Новото име, рече Силјановска Давкова, е формално-правна реалност и ние како одговорна земја – членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнуваме меѓународните обврски.
– Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат – рече претседателката.
Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, рече Силјановска Давкова, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето.
– Каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија – рече претседателката.