Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Велигден, упати честитка до скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, како и до сите верници од католичка вероисповед, посакувајќи им празничните денови да ги поминат во добро здравје, радост, љубов и среќа.

Во честитката, Силјановска-Давкова истакнува дека речиси два милениума Христовото воскресение постојано влева надеж и ја зацврстува вербата во доброто како неуништлив дел од човечката природа.

Осврнувајќи се на актуелните предизвици, таа посочи дека во време кога светот се соочува со неизвесност, конфликти и страв, Велигден носи порака за мир, духовност и мудрост.

– Исус Христос нè научи дека без емпатија, солидарност и толеранција, како и без разбирање на другиот и поинаквиот, нема вистински соживот – истакна Силјановска Давкова.

Претседателката изрази надеж дека празникот ќе го разбуди доброто кај луѓето, потсетувајќи дека животот е посилен од смртта, а светлината од темнината, и ќе придонесе општеството да продолжи да чекори напред по патот на вредностите и заедништвото.