Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.

Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Силјановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, посочила на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакнала дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.

Таа оценила дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изразила благодарност до Владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.

Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Силјановска-Давкова ја повторила позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажала на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласила дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.

-Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси – се наведува во соопштението.

Двајцата соговорници разговарале за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.