Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на својот фејсбук-профил информираше дека денеска примила претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со кои разговарала за влијанието на цементарницата „Усје“ врз квалитетот на воздухот и здравјето на граѓаните.
Како што наведува таа, претставниците на иницијативата ги изложиле своите барања, меѓу кои воспоставување мерни станици со 24-часовно мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на податоците и усогласување на граничните вредности за ПМ10 честичките со препораките на Светската здравствена организација.
– Ги сослушав аргументите и со внимание ги следам нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет – напиша претседателката.
Таа потсетува дека неслучајно за член на Советот за безбедност го именувала професорот и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов, посочувајќи дека еколошките прашања бараат стручност и системски пристап.
Во објавата се наведува и дека на средбата било констатирано оти животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, како и дека е потребен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти за изнаоѓање одржливи и долгорочни решенија. Претседателката посочува и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да овозможи поширока расправа за законите од областа на животната средина и зајакнување на надзорната функција.



































