Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова оствари средба со делегацијата на Уставниот суд на Република Хрватска, предводена од претседателот на судот, Мирослав Шепаровиќ, во придружба на претседателот на македонскиот Уставен суд,  Дарко Костадиновски.

Соговорниците, како што соопшти Кабинетот на претседателката Силјановска-Давкова, оцениле дека со оваа посета, којашто се реализира по дведецениска пауза, се обновува меѓусебната соработка што треба да продолжи, да се интензивира и продлабочи, заради размена на искуства и учење едни од други.

Како професорка по уставно право, претседателката Силјановска-Давкова ги нотирала и објаснила забелешките и недостатоците на нашите уставни решенија за Уставниот суд во споредба со оние за Уставниот суд на Хрватска. Таа изразила заложба за пошироки надлежности во заштитата на човековите слободи и права, изборите и референдумот, но и преиспитување на некои од нив, како и прецизирање и заострување на условите за стекнување статус на уставен судија.

Претседателката укажала дека Уставниот суд треба да делува како четврта власт, односно медијатор меѓу трите власти.

На средбата се дискутирало и за хрватското искуство со Уставниот закон за Уставен суд, како и проблемите врзани за отсуството на законско регулирање на уставно-правните прашања кај нас.

Хрватските уставни судии искажале подготвеност да помогнат во забрзувањето на македонскиот евроинтегративен процес, истакнувајќи ги бенефитите од членството како за членките, така и за ЕУ.

Заблагодарувајќи се за поддршката, претседателката Силјановска-Давкова истакнала дека хрватските лекции од процесот на евроинтеграциите може да бидат драгоцени за нас.