Изборите се пред нас, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери во овие четири години вредно работеа и докажаа дека се единствена можна европска алтернатива. Изборите ќе го означат новото време. Ако со реформи покажеме дека знаеме европски да живееме и да работиме, тогаш ќе имаме самопочит – таа е важна, ама ако не е заслужена нема да не почитуваат. Така ќе станеме вистински Европејци.
Со оваа порака кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, професорката од Правниот факултет на УКИМ Гордана Силјановска-Давкова, го заврши излагањето на конвенцијата на која опозициската партија ја претставува нејзината кандидатура за Претседателските избори.
На Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, насловена „Важно е! Лидерство што носи промени”, која попладнево се одржува во Филхармонијата во Скопје, присутни се 453 од вкупно 476 делегати, кои тајно ќе гласаат, по што во 16 часот ќе продолжи конвенцијата.
Силјановска-Давкова е единствен кандидат за претседателска функција на објавениот повик на ВМРО-ДПМНЕ и, според констатацијата на Верификационата комисија, нејзината кандидатура ги исполнува условите и таа има поднесено план и програма за работа.
Во своето излагање Силјановска-Давкова рече дека Македонија ја доживува како „преумна, храбра, образовна, културна жена“.
-Затоа мислам дека овој пример овде треба да го следи претседателката, но никогаш да не заборави на стручноста и на компетентноста, рече Силјановска-Давкова.
Во своето излагање зборуваше за Уставот како највисок акт, за ингеренциите што треба да ги има претседателот на државата и што смета дека треба да направи идниот претседател.
-Прво треба да состави експертски тим на врвни професори по уставно право, не само од овде, туку и од странство, како на пример Франција, за да го проучи Уставот во однос на генерирањето проблеми во уставниот поредок со кои се соочуваме, зашто тоа е единствен пат, истакна Силјановска-Давкова.
Порача дека нам ни треба скандинавизација во однесувањето, индивидуални слободи и права без кои, рече, нема демократија, пошироки надлежности на Уставниот суд, гарантирање на неотуѓивост на природни богатства и на водите, по примерот на Исланд и Словенија, да има можност за распуштање на Собранието, не само на самораспуштање под определени околности, да се отстрани прагот од 40 проценти во вториот круг на претседателските избори, да се среди делот за мандатарот за нова влада, зашто, рече, имаме проблеми, воената и вонредна состојба, прецизирање на надлежностите на Претседателот особено помилувањата…
Рече дека кај нас претседателите имаат силен изборен легитимитет, речиси најсилен во компаративното право, но таа не е за силни надлежности и силни претседатели затоа што „во отсуство на демократска традиција може да се појави опасност од некој фолклорен лик односно од некој балкански Бонапарта“.
-Претседателот мора да се однесува натпартиски, не партиски, да ја претставува државата кон внатре, кон граѓаните, и кон надвор, никогаш не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси а не заради својата кариера, не заради својата слава… Претседателката, претседателот мора да обединува, да биде проактивен а не реактивен, да се води од Копенхагенските критериуми, да ги претставува сите без оглед на етнос, вера, пол, род, статус, да биде почитуван и да почитува, да едуцира, да биде горд, да почитува соработка, мирно решавање на споровите, да има чувство, да биде емпатичен, да има регионален преглед, затоа што ако не ги брани соседите тогаш нема да го бранат ниту него. Нам ни треба скандинавизација во однесувањето, нагласи Силјановска-Давкова.
Според неа, шефот на државата мора да ги штити и најранливите категории, да се обраќа пред јавноста за секое важно прашање, да има мал стручен кабинет кој ќе инспирира, ќе води сметка и претставеност на сите категории по било која основа, но најважното, рече, ќе биде стручноста и компетентноста.
Според неа, „има многу лавовски умови и срца во државата кои мора да се ангажираат“. Во својот говор пред делегатите таа посочи и дека е инспирирана од претседателката на Ирска, Мери Робинсон, која не била член на политичка партија, и од Владимир Полежиновски, генерален секретар на АСНОМ и автор на АСНОМ-ската декларацијата за човековите права во која, рече таа, има неверојатна сличност со француската декларација за слободите и правата на човекот и граѓанинот.