Убедена сум дека денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете, изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.
– Се покажа дека речта, зборот, е најважна во библијата. Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете и разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решнија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам, и се разбира дека сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Мислам дека, и сигурна сум дека како што честопати велам мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат – истакна Силјановска Давкова.
Прашана околу што во што се согласиле со Радев, таа посочи дека се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека научените бугарски лекции ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен.
Околу посетата на Радев на Скопје рече дека „датумот не е утврден, но одредиле околу што би можело да биде доаѓањето“.
– Искрено секој од нас го кажа своето видување со респект се сослушавме, но, факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но и факт е дека дијалогот е клучното решение – рече Силјановска Давкова.
Додаде дека денеска не разговарале за прашањето на внесување на бугарите во Уставот, ниту за други конкретни прашања.
Во врска со нејзиниот став за промената на Уставот, Силјановска Давкова рече дека одлуките за овие прашања ги носат пратениците во Парламенто и нез ависат од ставови на подинци.
– Јас да сум апсолутен монарх можам да го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесме решение, ниту да го наметнеме на нацијата и останатите. Но, разговаравме и тоа е здраво – изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова по средбата во Софија со шефот на бугарската држава Румен Радев.
Таа изрази желење за денешната несреќа и загинувањето на двајца бугарски пилоти и искажа разбирање што поради тоа Радев вечерва не може да се придружи на изведбата на операта „Набуко“ на Македонската опера и балет во Софија.