Претседателката Гордана Силјановска Давкова порача дека македонските граѓани не очекуваат извинувања од поранешни европски функционери за неправдите од минатото, туку конкретни и навремени решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес.
Обраќајќи се на отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, одржана во нејзиниот кабинет во присуство на претставници од Паневропските унии на Македонија и Австрија, фондацијата „Ото фон Хабсбург“ и Институтот на регионите на Европа од Салцбург, таа нагласи дека евроинтеграцијата на Македонија предолго трае во услови на блокади и неправедни условувања.
– На македонските граѓани не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на нашата евроинтеграција. Македонските граѓани одамна заслужија да бидат и европски граѓани – истакна Силјановска Давкова.
Посочувајќи на историскиот и културниот континуитет на државата, таа порача дека Западен Балкан е „недостасувачкиот дел од европскиот мозаик“.
– Мојата земја, заедно со Западен Балкан, е делот којшто недостасува во европскиот мозаик. Без нас не само што Европската Унија не е целосна, туку е и ранлива, изложена на ризици – рече претседателката.
Таа предупреди дека забавеното проширување создава ризици и за регионот и за европската безбедност.
– Европа не може да биде целосно безбедна сè додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија. Нашите ранливи точки се ранливи точки на Европа – нагласи Силјановска-Давкова.
Во своето обраќање потсети дека државата има 25 години од Договорот за стабилизација и асоцијација, 21 година кандидатски статус, позитивни извештаи од Европската комисија и висока усогласеност со европското законодавство и заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но и покрај тоа процесот останува блокиран.
– Наместо господинот Годо, кој никако да дојде, нам ни е потребен нов господин Европа или госпоѓа Европа, нов Паневропеец или Паневропејка што ќе ја заокружи визијата започната пред повеќе од еден век – истакна таа.
Австрискиот амбасадор Мартин Памер оцени дека проширувањето е долгорочен процес со делумни постигнувања, грешки и неуспеси.
– Ова не е ниту чисто политички процес, ниту административна постапка. Тоа е процес на интегрирање на југоисточна Европа кој трае повеќе од 20 години и сè уште останува незавршен – рече Памер.
Тој предупреди дека постојат структурни слабости и во Унијата и во земјите кандидати, додавајќи дека „преголемото политичко условување и ирационалната билатерализација ја поткопуваат суштината на европскиот проект“.
Претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, истакна дека годината може да биде динамична во однос на евроинтеграциите, со засилен интерес од европските партнери.
– Среќен сум што нашата идеја се реализира и што денеска сме тука да разговараме за теми кои оваа година сериозно ќе нè ангажираат – рече Лепавцов, издвојувајќи ги проширувањето, економската отпорност и регионалната соработка како клучни приоритети.
Конференцијата, според учесниците, претставува нов поттик за дијалог и размена на идеи во насока на европската перспектива на Македонија и регионот.

































