Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ќе го прими претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Од Кабинетот на претседателката информираат дека по официјалниот пречек е предвидена тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, по што ќе следува пленарен состанок на делегациите на Македонија и Албанија.
По средбите, Силјановска-Давкова и Бегај ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во рамки на посетата, претседателот на Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, соопшти Кабинетот на претседателката.
Предвидена е и средба на Бегај со претседателот на Собранието, Африм Гаши. По потпишувањето во книгата на впечатоци, албанскиот претседател ќе се обрати пред пратениците во законодавниот дом.
































