Претседателката Гордана Силјановска – Давкова попладнево го прими американскиот командант на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и на свечена церемонија го одликува со Орден за воени заслуги.
Како што беше објаснето, генерал-мајор Најт се одликува со Орден за воени заслуги за неговиот особен придонес во продлабочувањето на македонско-американското пријателство и воената соработка што резултирала со бројни активности за зајакнување на капацитетите и за зголемување на борбената готовност на македонската армија.
– На денешната средба и со денешната церемонија го одбележуваме и го чествуваме пријателството и партнерството меѓу двете држави, двете армии, двата народа. Ми претставува особена чест да му го врачам Орденот за воени заслуги на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајорот Грегори Најт – рече претседателката.
Таа потсети дека пред повеќе од три децении се роди соработката меѓу Националната гарда на Вермонт и Македонската армија. Притоа истакна дека цели триесет лета таа стои решително и цврсто покрај македонските воени сили, не само како квалификуван, искусен и посветен тренер во бројни воени и безбедносни обуки, туку и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата. Соработката којашто започнала со скромна размена на знаење и искуство, прераснала во едно од најуспешните и најцврсти воени партнерства.
– Генерале Најт, вашето лидерство го зајакна и му даде особен печат на американско-македонското партнерство на начини коишто не можат едноставно да се измерат во години, мисии или програми – нагласи таа.
Под ваше раководство, подвлече претседателката, обраќајќи му се на Најт, соработката достигна извонредни професионални и хумани резултати, обликувајќи генерации на офицери, подофицери и војници, подигнувајќи и зајакнувајќи ја нашата интероперабилност и подготвувајќи ги нашите воени сили за професионална и рамноправна служба, рамо до рамо со НАТО-сојузниците.
Неговата посветеност, рече таа, ги надминала границите на вообичаени должности.
– Внесовте дух на почит, разбирање и искрено другарство, коешто и самата го почувствував на средбите со вас. Бевте главниот архитект во градењето мостови меѓу две нации, цврсти, нерушливи мостови на доверба по кои ќе чекорат здружените воени сили, долго по завршувањето на денешната церемонија – рече претседателката.
Ангажирани во многу мисии, додаде таа, живеевме како едно војничко семејство, грижејќи се едни за други, помагајќи си, учејќи едни од други.
– Како резултат на вашето лидерство, нашите вооружени сили станаа посилни, поспособни и поповрзани со сојузниците, а како резултат на вашата енергија, љубов и дух, граѓаните на Вермонт и македонските граѓани многупати беа едно! Денес, со благодарност јас, мојата земја и македонските вооружени сили, ви оддаваме признание за извонредните успеси и придонеси, истакна Силјановска-Давкова.
Притоа додаде дека орденот за воени заслуги, е израз, не само на нашата благодарност за неговата неуморна и вредна работа, „туку и на нашата особена почит кон вредностите кои вие ги персонифицирате: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност“!
-Команданте, од името на мојот народ и на Армијата, ви благодарам. Ви благодарам за повеќе од 30 години соработка, партнерство и борба за високи цели. Ви благодарам што верувавте во нас сите! Ви благодарам за создавањето нераскинлива врска меѓу Вермонт и Македонија и посакувам истата да се зацврстува – подвлече Силјановска-Давкова.
Обраќајќи се кон присутните, и како што рече, можеби најважно од сè, неговото семејство, Најт рече дека ова значи многу за него.
– Војник сум, не треба да бидам емотивен. Ова партнерство е далеку најзначајниот елемент од мојата воена кариера долга речиси 43 и пол години. Доаѓам во Македонија веќе скоро 25 години и ова е навистина едно неверојатно патување, една врска, и мислам дека пријателствата што ги создадовме овде се вистински, искрени, силни и длабоки – рече тој.
Притоа истакна дека тоа не важи само за него. Туку, дека важи и за буквално илјадници членови на нивната Национална гарда, кои доаѓаа овде во изминатите речиси 35 години, како дел од ова партнерство.
– Госпоѓо претседателке, можете ли да замислите колку животи тоа позитивно има променето? Колку наши војници заеднички имале корист, биле обучени и професионално се развиле? Ова е навистина извонредна програма и би згрешил ако не ви се заблагодарам посебно на вас, како и на амбасадорката и на генерал Лафчиски. Но ние не го правиме ова сами. Навистина сум почестен што го добив Ордeнот за воени заслуги госпоѓо претседателке, ќе го носам во име на нашите војници и пилоти. Нивните напори го прават ова возможно – нагласи Најт.
Ако се навратиме, рече, на историјата на нашата програма, ќе видиме дека таа не е само она што го направивме за да ја поттикнеме обуката и подготвеноста, да го изградиме центарот за обука Криволак, да работиме за да го прошириме нашето партнерство надвор од нивото на војска со војска.
-Таа е и заедничкото распоредување во 2010 година во Авганистан како прв пример во историјата на нашето партнерство, каде нашите војници се бореа заедно, рамо до рамо. Тоа е причината зошто ова функционира. Затоа, ви благодарам многу, госпоѓо претседателке. Ви благодарам на сите за оваа неверојатна чест, за оваа посебна привилегија да бидам овде, да бидам мал дел од ова. Некој мора да го чува местото топло за нас овде, ќе се вратиме. Ви благодарам многу – подвлече тој.
На настанот присуствуваа и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски.


































