Законот за измените на Кривичниот законик го потпишав како транзициско решение, истакна денеска претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Силјановска‑Давкова, оценувајќи дека дел од постојните одредби биле на работ на уставноста и дека било неопходно да се избегне создавање правен вакум.
– Јас на овие измени гледам како на еден правен феномен што не сме го применувале ние, а значи транзициски потег, привремено решение, што беше директно врзано за толкувањето на Уставниот суд дека ќе посегне по укинување, односно поништување, со што ќе се создаде правен вакуум – појасни претседателката.
Таа нагласи дека имала одредени забелешки, но дека по детални образложенија од предлагачите и Владата, одлучила да го потпише законот, а дополнителна причина за одлуката да стави потпис на законот било и тоа што, како што рече во разговор за медиумите, за измените гласале и од опозициската СДСМ и што бројот на гласови е близу до 80, односно до двотертинско мнозинство .
-Размислував, имам забелешки јас на некои решенија, но најдоцна очекувам оваа транзиција да биде надмината во јуни – наведе Силјановска‑Давкова.
Според неа, иако измените не се совршени, тие претставуваат подобрување во однос на измените од 2023 година. Како клучни, претседателката ги наведе измените што се однесуваат на проектот Безбеден град, полово и родово базираното насилство и строга санкција за сообраќајните злоупотреби.
-Проектот Безбеден град нема да може да функционира ако не е пропратен и со решенија што значат санкционирање на сите повреди на она што во законот за прекршоци беше воведено, има воведено кривични дела што се однесуваат на безбедноста – рече таа.
Во однос на злоупотребата на службена должност и јавните набавки, Силјановска‑Давкова порача дека се потребни дополнителни прецизирања.
Претседателката додаде дека измените ги прифаќа исклучиво како транзициски, сè до донесувањето на новиот Кривичен законик.
-Ќе го толерирам ова само во пресрет на чекањето на новиот Кривичен законик. Долго време се работи на него. Тој ќе биде клучен во судските реформи. Се надевам дека час поскоро треба да биде донесен – истакна претседателката.
Силјановска‑Давкова подвлече дека законот го потпишала по барањата гаранции од Владата и предлагачите дека измените нема да значат одолговлекување на носењето на новиот Кривичен законик
































