Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук

Нашиот пат кон Брисел наликува на маратон, маратон за кој понекогош мислам дека може да се прашаме „дали го чекаме Годо“. Ние го започнавме нашиот маратон во 2005 година кога ни беше даден кандидатскиот статус. Денес често се користи синтагмата дека Европа е незавршена симфонија без Западниот Балкан, а интересот за регионот порасна пред три години кога, за жал, почна војната во Украина, рече претседателката Гордана Силјановска – Давкова пред студентите на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што одржа предавање во рамки на Светскиот лидерски форум, јави МИА.

Македонската претседателка пред академската заедница го елаборирше исходот од бесконечното одложување на ветувањето за европска интеграција на земјите од Балканот.

– Ние луѓето од Балканот секогаш сме се сметале за Европјани, бидејќи секогаш сме биле географски, историски и особено културно дел од Европа. Сега процесот на проширување е повторно на агендата на ЕУ, но не заради поголема Унија туку поради стабилноста, безбедностa. И ова е добра шанса за нас да бидеме на агендата по не знам кој пат, и да го зграпчиме моментумот. Но, во изминатите 30 години ние се обидовме да го зграпчиме моментумот многу пати, а резултатот е 36 амандмани на нашиот Устав – истакна Силјановска-Давкова.

Таа укажа на искуството на балтичките земји кои во процесот на евроинтергација најголемата поддршка ја добија од своите соседи – скандинавските земји и станаа членки, за разлика од земјите од Западниот Балкан каде се појави ветото – членки на ЕУ го искористија својот статус на заштитени членови на семејството за да го спречат напредокот кон Брисел на свои соседи.

– Сметам дека ЕУ треба да ја преиспита својата позиција бидејќи дури и ЕУ денес е во криза. Претходно таа беше синоним за демократија, за владеење на правото, но денес не е така. Денес се соочуваме со криза на лидерство. Можеби односот помеѓу членките на ЕУ и земјите кандидати како нас е погрешен, бидејќи тоа е едноставно однос „слушај и направи“ затоа што вие сте тие кои сакате да ни се придружите. Правилата се јасни, тие се одлични, познати се како Копенхашки критериуми, но ветото не е дел од Копенхашките критериуми – рече македонската претседателка.