фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска се обрати на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката што под нејзино покровителство се одржа во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Претседателката Силјановска Давкова положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Во своето обраќање, претседателката Силјановска Давкова рече дека на 2 Август 1944-тата, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите.

И денес, рече претседателката Силјановска Давкова, нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа бидејќи во нашите асномски темели се препознаваат напредните европски вредности.

Според претседателката Силјановска Давкова, успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите.

Според претседателката Силјановска Давкова, македонските институции се подготвени за европските реформи. Но, како што посочи, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија.