Вработените во Управата за водење матични книги кои се со договор, се соочуваат со притисоци и мора да работат, иако тоа е противзаконски, вели претседателот на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги Тони Милошевски во изјава за МИА, додавајќи дека вработените со договор се принудени да работат и покрај тоа што не смееле да примаат или потпишуваат документи.
– Има притисоци што се вршат врз вработените, дури и партиски притисоци. Најмногу на тие што се примени со договор. Сигурно им се кажува дека ќе ги прекинат договорите ако не работат по закон. Тие што се на договор не смеат да примаат документи ни да издаваат, ни да потпишуваат, што значи дека надлежните може кривично да одговараат – изјави Милошевски.
Тој додаде дека доколку притисоците продолжат, ќе бараат изјави од самите вработени и ако се согласат, ќе бидат поднесени кривични пријави. Милошевски информира дека сѐ уште не ги исконтактирал никој од Министерството за правда.
– Ние имавме средба во Министерството за правда на 19-ти овој месец. На таа средба прво ни беше кажано дека нема да добиеме ни денар, поради тоа што не било загарантирано со закон. Ние кажавме не мора 60, нека бидат 30 отсто покачување, но и тоа не го прифатија – појасни Милошески.
Генералниот штрајк на Управата за матични книги почна вчера. Независниот синдикат на Управата бара донесување на колективен договор на ниво на работодавач, контиунирани обуки и систем на унапредување на вработените, усогласување на платите согласно покачувањето на миниминалната плата и линеарно покачување на платите на сите вработени во Управата.