Синдикалните организации на СОНК не го прифатија предлогот на Владата и одлучија да го продолжат штрајкот во образованието, истакнаа од СОНК.
СОНК не ја прифати понудата за зголемување на платите на наставниците за 10 отсто со гласање во Собранието во мај или јуни.
Оттаму велат дека над 95 отсто од синдикалните организации се изјаснија за отфрлање на дадената усна понуда.
– 1. Членовите на СОНК реагираат на несериозниот пристап на надлежните коишто скоро 2 месеца преговараат со претставници на СОНК, а реално не даваат никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК; 2. Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот; 3. Зголемувањето на платите од 10% во детска заштита, основно и средно образование воошто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата; 4. Освен Барањето за усогласување на платите по основ на покачување на минималната плата, Советот на СОНК достави и други барања поврзани со склучување на нови колективни договори, за коишто воопшто не е ни преговарано; 5. Членовите на СОНК сметаат дека едно од најважните прашања е договорот со Владата за усогласување на платите по Колективен договор, за коишто се спремни да се прави во динамика од 2 години; 6. Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата, на коишто би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала Спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитнообразовниот процес; 7. Членовите на СОНК изразуваат големо жалење за сите непријатности коишто ги имаат родителите заради штрајкот на СОНК и од таа причина уште еднаш упатува големо извинување до нив; 8. Членовите на СОНК искажуваат огромно единство, взаемност и истрајност во заедничката борба за своите права, сѐ до остварување на заедничката цел, а тоа е подигнување на нивниот социјален статус и враќање на достоинството на дејноста којашто ја застапуваат – стои во соопштениетпо од СОНК.