Фото: Пикселс

Новогодишните празници се време на голема еуфорија, купување и подготвување подароци за најблиските. Со давањето подароци, покажуваме чин на љубов и почит кон другите. Било да се купени или да претставуваат креативни изработки, важно е дека со новогодишните подароци им покажуваме на саканите дека сме вложиле љубов и труд во нивната подготовка. Дел од граѓаните ни открија што најчесто сакаат да подаруваат на нивните најблиски за Нова година. 

Новогодишните празници секогаш ми евоцираат радосни моменти од детството. Понесен од таквите пријатни чувства, црпам инспирација за каков подарок да им купам на блиските за Нова година. Најчесто, на мојот помал брат и на девојка ми им купувам лего-сет, бидејќи тоа беше подарокот на кој најмногу се радував како дете, а и брат ми и девојки ми се апсолутно заљубени во фантастичниот свет на лего-коцките. Дополнително, последниве неколку години, парфемот ми е чест избор за подарок, затоа што сметам дека внимателно избран мирис има моќ да докосне и до најдлабоко скриените и топли сеќавања на една индивидуа – кажа Јован Андреевски.

Јас сум личност што сака да подарува секој ден од годината, без разлика дали има повод или причина. За најблиските, моите подароци се нешто што знам дека им е потребно, мали но значајни работи што им го прават секојдневието малку поедноставно. За мојот помал брат избирам некое парче облека кое ќе го гушка кога јас не сум покрај него. За моите родители, подароците за нив се најчесто мојата напорна работа и достигнувања бидејќи знам дека тоа за нив немаат рок на траење. За моите братучеди, пријатели и колеги, одвојувам рачни изработки, книги, планери или приврзоци, најчесто од некои мали бизниси, локални автори или пак лично мои изработки. За мене секој предмет има своја приказна и на некој начин во себе содржи дел од мене и дел од нив – открива Ана Секуловска.

Најчесто подароци под елка оставаат постарите членови на семејството, иако не е ниту приближно слично на католичката традиција кога повеќе членови на семејството учествуваат во дарувањето. Како деца најчесто сме добивале големи пакетчиња, многу благо и играчките за кои сме „плачеле“ со месеци претходно. Сега кога сме возрасни, најчесто разменуваме типични божиќни подароци, а тоа може да биде цел комплет кој ќе вклучува сѐ од божиќни пижами, крпи, шолји за чај, шалови, капи, чорапи, па сѐ до козметика, парфеми или миризливи свеќи. Секако, без чоколаден Дедо Мраз не поминува никој – истакнува Стефан Ристевски.

На најмалите сакам да им подарам мешавина од слатки и книжевни пакетчиња полни со чоколада и сликовници, боенки и балончиња, а на пријатели најчесто им подарувам книга во придружба со некое чоколадо и новогодишна честитка. Сѐ на сѐ, подарувам работи на кои би можел секој човек да им се радува и да му останат подолго во сеќавање – открива Денис Бојаров.

 

 

За новогодишните празници подарувам најчесто новогодишни украси и ситни работи кои ќе направат моите блиски да се чувствуваат новогодишно расположени. Најчесто подарувам честитки и чоколадо за помалите братучеди. Со пријателите обично за празниците организираме „сикрет санта“, односно таен Дедо Мраз, додека на моите родители не заборавам да им купам нешто што знам дека го сакаат, како на пример домашни аксесоари за мајка ми или канцелариски прибор за татко ми – вели Јован  Цветковиќ.


Најчесто ме води прашањето – што ќе ја израдува личноста на којашто ѝ подготвувам подарок. Или, што е тоа, што за таа личност би било „ееј, токму тоа ми беше потребно“, или „токму ова е по мојот вкус“. А, тоа е најлесно да се постигне со блиските, затоа што ги познаваме, им ги знаеме афинитетите, вкусовите, па и потребите. Со еден збор, сакам да подарувам нешта коишто ќе измамат искрена насмевка и радост. Тогаш и радоста на подарувањето, кај мене, е поголема – кажа Соња Манџук.

Најчесто се трудам да подарувам работи кои се поврзани со интересите и хобијата на личноста на која треба да подарам, или нешто што знам дека ќе биде од корист. Годинава заедно со мојата вереница решивме на нашите родители да им подариме топла облека за овие студени зимски денови – вели Ристо Манасиев.