Домати, модри патлиџани, босилок, тиквички, дињи, јагоди, неколку сорти пиперки, си насадил Васко Марковски годинава, во општествената градина во Скопје. Васко Марковски е македонски поет, преведувач, туристички водич и голем мераклија за градинарство. Сака да работи со рацете, да биде во допир со земјата и водата, да биде поблизу до исконската природа на човекот. Тоа сега му е овозможено да го прави во првата урбана градина во Скопје, наречена „Бостание“. Градината се наоѓа во населбата Ново Лисиче, се простира на површина од околу 3.000 квадратни метри, а големината на парцелите е околу 50 квадратни метри и за нивното користење граѓаните не треба да плаќаат надоместок.
– Одамна имав ќеф за градинарство и чекав да ми се создаде ситуација. Имам тетка во Англија, ми прати книга за герила-градинарство и ми кажа дека има своја градина на државно земјиште и дека тоа е нормално во Англија. И тоа многу ме заинтригира. Наназад со генерации сите сме имале традиција на земјоделство, не е тоа нешто ново за нас. Кога почна пандемијата ми текна дека имаме во Орешани свој имот на кој одиме еднаш годишно на скара. И решивме со жена ми да одиме. Почнавме да садиме, тетката на жена ми ја прашувавме како се сади ова, како она, каде се купува расад… И во 2020 година си насадивме пиперки, домати… Така се случи првиот ќеф. Потоа дознав дека има во Скопје општествена градина. Се пријавив и чекав да ме повикаат. Не чекав многу – раскажува Марковски.
Градината „Бостание“ е работена согласно со проектот на здружението на граѓани „Зелена арка“, реализиран со финансиска поддршка на град Скопје, а во соработка со општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.
Урбаното градинарство, кое зема сè поголем замав во градовите низ светот има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите.
– Сезоната заврши, а јас и син ми си посадивме кромид и лук, да си направиме расад, па кога ќе дојде време за садење во февруари, да си имаме свој расад и околу Велигден веќе да ги дочекаме првите плодови. Годинава имам идеја да направам различни сорти на домати, па си сушам семиња. Сакам да ги соберам сите балкански сорти и да си направам една таква парцела – вели Марковски.
Секој што сака да си сади, има своја парцела, којашто, ако сака, може да ја дели и со некој друг.
– Има многу интересни луѓе. Со многу се разменуваат искуства и знаења. Па и си помагаме, кој ќе земе повеќе расад, ќе даде на друг. Има бокс за правење компост. Корнеме лисја, од дома носиме лушпи од компири, јаболка, и сето тоа после повторно се употребува во полза на градината – раскажува Марковски.
Правилото на игра во „Бостание“ е дека она што ќе го насадиш, ти ќе го јадеш, односно дека производите не се за продажба.
– Идејата е да се сведе синџирот на потребите на храна на човекот на исконските димензии. Револуцијата се постигнува преку лажицата и виљушката, преку изборот на храна што го правиме. Кога ќе го доживееш тоа, се чистиш, природата те враќа кон суштината, кон човештината. Оваа медитација со природата те враќа кон човекот. Луѓе плаќаат во теретана за да си ја дадат силата, за да добијат кондиција корисна за здравјето. Подобро 50 квадрати ќе си садам и секако ќе се чувствувам подобро. Знам да се заборавам од работа и да ме болат мускилите, ама ќеф ми е – вели Марковски.
Во урбаната градина доаѓаат луѓе од сите возрасти, од пензионери, до деца. Покрај градинарството, во „Бостание“ повремено има и културни случувања – музички настани, поетски читања, ликовни перформанси…
– Ме импресионира реакцијата на луѓето што не се по градинарство, меѓутоа уживаат да доаѓаат затоа што има многу дружење. Градината, иако е во град, има преубави изгрејсонца и зајдисонца. Нема поубаво откако ќе завршиш со работа да се наградиш со убаво зајдисонце – констатира Марковски.